Дете од Ајова, кое е родено кога неговата мајка била бремена помалку од пет месеци, доби посебен подарок за првиот роденден откако Гинисовата книга на рекорди го призна за најпредвремено родено бебе во светот. Како што рече неговата мајка Моли Кин, Неш е решителен, љубопитен и насмеан цело време откако преживеал наспроти она што Гинис го опиша како „феноменални шанси“.
„Неш ќе може да каже: ‘Знаете што? Дојдов на овој свет борејќи се и ќе си заминам борејќи се‘“, рече таткото на момчето Рендал Кин.
Неш е роден на 5 јули 2024 во детската болница при Универзитетот Ајова, кога неговата мајка била во 21. недела од бременоста. Породувањето се случи 133 дена пред очекуваниот термин на Моли, ако се земе предвид типична бременост од 280 дена.
И првото бебе на Моли и Рендал Неш се родило предвреме, во 18. недела од бременоста, но нивната ќеркичка Мекинли не преживеала.
„Откако забременив со Неш, бевме многу возбудени, но и многу нервозни. Немавме надежи“, кажа Моли.
Неш тежел само 283 грама кога се родил. Следните шест месеци морал да ги помине во одделот за интензивна нега за новороденчиња, пред да му биде дозволено да си дојде дома во Анкени, Ајова во јануари.
„Бебето беше подложено на високо специјализирана нега, постојан надзор и често следење, соочувајќи се со низа значителни предизвици уште на почетокот. Сепак, тој покажа извонредна отпорност. По тие први неколку исклучително деликатни недели, тој почна да постигнува постојан напредок, што беше навистина извонредно за гледање“, изјави неонатологот Ејми Стенфорд, која помагала во грижата за Неш.
На нешто повеќе од една година, на Неш сè уште му треба кислород за да дише и се храни исклучиво преку цевка за хранење. Лекарите се оптимисти дека малата срцева маана ќе се реши како што ќе расте.