Белата куќа ги објави плановите за изградба на нова балска сала од 200 милиони долари, исполнувајќи му ја долгогодишната желба на Доналд Трамп. Новата сала ќе се гради покрај модернизираното Источно крило, каде што се сместени и канцелариите на Меланија Трамп.
Парите за салата ќе ги донираат Трамп и други анонимни донатори, а работите ќе почнат во септември, кажа портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.
Трамп постојано ветуваше дека ќе гради „прекрасна балска сала“ во Белата куќа, при што во 2016 ѝ понудил 100 милиони долари на владата на Барак Обама, но бил одбиен.
„Овој многу потребен додаток на Белата куќа ќе има големина од 8.360 квадратни метри и околу 650 седишта. Ова ќе ја елиминира потребата од поставување голем и грд шатор за државни вечери и други големи настани, на кои понекогаш учествуваат и светски лидери“, рече Ливит.
Според неа, изградбата треба да заврши многу пред истекот на мандатот на Трамп во јануари 2029.