По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Бесправно градење според член 244-а став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението е покренато против раководителот на еден од инспекторатите при Општина Битола, Кире Мицевски, чиј објект во реонот на село Дихово беше опфатен со контролите на градежната инспекција за дивоградби и времено беше суспендиран од работа.
„Обвинетиот раководител во општинскиот инспекторат во Битола, во временскиот период од октомври 2013 година до март 2016 година, во атарот на селото Дихово, надвор од градежен реон, односно во местото викано Трновски ливади, на земјоделско земјиште во сосопственост на повеќе физички и едно правно лице изведувал градба и изградил помошен објект на три ката со вкупна површина од 193 квадратни метри. Објектот го изградил без претходно да обезбеди согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно чл.51-а од Законот за земјоделско земјиште и без одобрение за градење донесено во постапка пропишана согласно чл.59 од Законот за градење, што е поткрепено и со соодветно вештачење’, соопштија од ОЈО Битола.
За случајот САКАМДАКАЖАМ.МК на 3 април објави дека еден од објектите за кои се испитува дали е дивоградба во Битола е на раководител на општински инспекторат. Од Општината тогаш соопштија дека по допрен глас, извршиле увид и на објект и дека се испитува документацијата. Од таму дури испратија и фотографија од објектот заедно со други кои беа дел од контролата. На неа се гледаше дека на предметната парцела е подигната куќа и поставен е објект за базен.
„При разгледувањето на документацијата утвредно е дека истиот има добиено решение од Министерство за земјоделие за приземен објект во основа од 66 метри квадратни и висина до венец 2,80 метри и доставен геодетски елаборат со кој е извршена легализација на објектот со приземје, кат, поткровје и мансарда. За утврдување на фактичка состојба Општината изврши повторно мерење и изработка на геодетски елаборат според кој се утврди дека објектот има приземје, кат и поткровје и висина до венец од пристапен пат од 4,60 метри, додека од терен каде е поставен објектот се утврди висина до венец 5,40 метри“, ни одговорија тогаш од Општината.
По ова иснпекторот беше времено супендиран од работа.
Инспекторот Мицевски за СДК,МК имаше изјавено дека објектот е легализиран и нема доградувања.
„Се работи за легализиран помошен објект на земјоделско земјиште, согласно Законот за легализација на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште, со исполнување на критериумите. Нема никакви доградби или надградби над објектот. Со иста конотација за бесправно градење веќе еднаш имаше истрага од Обвинителството во 2014 година, по што не беше поднесен никаков кривичен акт“, вели Мицевски.
Ж.ЗДРАВКОВСКА