Жртва на случувањата околу поништениот избор на судија во Европскиот суд за човекови права е угледот на нашата држава во очите на меѓународната јавност, вели обвинителката Ленче Ристоска во интервју за БИРН.
Според неа, одлуката на Владата да не ја почитува препораката на стручната Комисија и без образложение да ја прекине постапката, директно го поткопува реномето на земјата.
„Несомнено е дека жртва на сите овие случувања е репутацијата на нашата држава“, изјави Ристоска.
Таа објаснува дека со овој потег, Владата прекршила низа препораки на Советот на Европа, кои налагаат националната постапка за селекција да биде транспарентна, стабилна и заснована на јасни критериуми. Ваквото игнорирање на стручната проценка, според Ристоска, испраќа сигнал дека процедурите не важат и го компромитира целиот изборен процес.
- ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ВЕЛИ ДЕКА Ѝ УКАЖУВАЛЕ ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД КАНДИДАТУРАТА ЗА СТРАЗБУР, ОТКАКО ВЛАДАТА БЕЗ ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЈА ОТФРЛИ ЦЕЛАТА ЛИСТА
- АКО НЕ ПРЕДЛОЖИ ВЛАДАТА КАНДИДАТИ ЗА СУДОТ ВО СТРАЗБУР, МАКЕДОНСКИ СУДИЈА ПРОДОЛЖУВА ДА БИДЕ ЈОВАН ИЛИЕВСКИ, БАЏАНАКОТ НА МИЈАЛКОВ
Ристоска додава дека целиот случај е дополнително искомплициран со, како што вели, клеветничка кампања и укажувања таа да ја повлече својата апликација, што фрла сенка врз намерите на власта. Обвинителката е во процес на поднесување тужба за клевета.
Таа смета дека со ваквото постапување, владата атакува врз интегритетот на сите кандидати, но најмногу ѝ штети на државата, чија репутација е доведена во прашање пред меѓународните организации. Поради ова, Ристоска размислува да не се кандидира на новиот оглас, бидејќи, како што вели, тоа би дало легитимитет на еден спорен процес, а би го делегитимирало претходниот.