Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразија сериозна загриженост поради начинoт на постапување на полициските службеници кон новинарите кои го следеа настанот со разрешување на директорката во гимназијата во Демир Хисар. На новинарските екипи од САКАМДАКАЖАМ.МК и телевизија Телма, додека го следеа настанот во дворот на гимназијата, полициските службеници им побараа лични карти иако тие имаа новинарски легитимации. Од личните карти запишаа и адреси и датум на раѓање, а потоа дури и регистарскиот број на возилото. Рекоа дека за нив новинарите биле непознати лица.
Новинарските здруженија сметаат дека ова е обид за вршење притисок врз новинарите.
„Случајот, за кој веќе испративме официјален допис до Министерството за внатрешни работи (МВР), се однесува на известување за разрешувањето на директорка на училиште во Демир Хисар, кога полициски службеници им пристапиле на новинарите додека тие известувале од настан од висок јавен интерес, барајќи нивно легитимирање, иако било очигледно дека се работи за медиумски работници со професионална опрема. Настанот се случил на јавна површина, во двор на училиште. Сметаме дека вакви ситуации може да се протолкуваат како обид за вршење притисок врз новинарите, што е недозволиво мешање во нивната работа и нарушување на медиумските слободи“, соопштија од ЗНМ и ССНМ.
Во дописот до МВР здруженијата побараа итна и сеопфатна проверка на околностите, утврдување на законската основа за ваквиот вид постапување и одговорност доколку се потврди дека полициските службеници ги пречекориле нивните овластувања.
„Очекуваме МВР и Секторот за внатрешна контрола во најкус можен рок да информира за утврдените околности и доколку се потврди прекршување на овластувањата, да преземе соодветни мерки против одговорните службеници“, стои во дописот на ЗНМ и ССНМ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА