Пукната цевка на еден од главните доводи на вода во Тетово остави голем дел од градот без вода за пиење. Екипите на ЈП „Шар“ од вчера се на терен во потрага каде настанал дефектот, а потоа почнале да работат на санирање. Пукнатата цевка се наоѓа во горниот дел од градот.
„По повеќе од 8 часа интензивна работа во тешки услови, екипите на ЈП ‘Шар‘ успеаја да го лоцираат дефектот, кој се наоѓа на старата линија Ф400, на длабочина од околу 3 метри. Станува збор за еден од покомплицираните дефекти поради староста на цевководот и неговата положба на теренот“, соопштија вчера од јавното претпријатие.
Попладнево екипите на „Шар“ успеаја да го санираат дефектот на водоводната цевка, со што е нормализирано снабдувањето со вода во градот. Сега во водоводната мрежа на Тетово доаѓат 400 литри вода во секунда.
Иако се очекуваше дефектот брзо да биде саниран, сепак тој е од многу поголем обем и тетовските комуналци не успеаја да го отстранат во текот на вчерашниот ден, па работите продолжија и денеска.
З. АНДОНОВ