Светот е во очекување на денешниот самит на Алјаска, каде што Доналд Трамп ќе се обиде да го убеди Владимир Путин да ја заврши војната во Украина, што трае веќе три и пол години. Тоа ќе биде прва директна средба на американски и руски претседател од јуни 2021, кога Џо Бајден се сретна со Путин во Женева.
Белата куќа кажа дека средбата во воената база „Елмендорф-Ричардсон“ во Енкориџ ќе почне во 11 часот по локално време, односно 21 часот по средноевропско време, а според агендата што Кремљ ја објави вчера, Трамп и Путин прво ќе се сретнат еден на еден во присуство на преведувачи, по што следуваат поширок состанок со делегации и работен појадок.
Централната тема ќе биде Украина, но ќе се разговара и за трговија и економска соработка. Путин вчера навести дека САД и Русија би можеле да постигнат нов договор за контрола на нуклеарно оружје, кој би го заменил сегашниот, што истекува во февруари следната година.
„Да не бев јас претседател, Путин ќе сакаше да ја земе целата Украина. Но, јас сум претседател и тој нема да се задева со мене. Во првите неколку минути ќе знам дали ќе имаме добра средба, во спротивно, ќе заврши многу брзо“, рече Трамп вчера.
По завршувањето на самитот е планирана заедничка прес-конференција, за која Трамп кажа дека ќе се одржи само ако средбата помине добро. Белата куќа ги ублажи очекувањата од состанокот, велејќи дека ова ќе биде само „слушачка вежба“ за Трамп и опипување на пулсот, а не целосни преговори.
Една клучна страна ќе отсуствува од самитот, Володимир Зеленски, кој ќе очекува телефонски повик од Трамп. Зеленски претходно кажа дека сите договори склучени без учество на Украина се „мртви одлуки“.
Трамп, кој во кампањата тврдеше дека може да ја реши војната во Украина за 24 часа, вчера призна дека таа е потврд орев одошто очекувал.
„Мојот состанок со Путин е голем и важен состанок кој може да спаси многу животи. Верувам дека Путин и Зеленски можат да склучат мир. Сепак, не сум сигурен дали може да има моментално примирје и има 25% шанси дека средбата ќе биде неуспешна“, кажа Трамп.
Тој се надева дека од денешната средба ќе произлезе втор, уште поважен самит, на кој би присуствувале и Зеленски и некои европски лидери.
„Очигледно, некои услови ќе бидат договорени бидејќи Трамп не може да се одбие, а ние не сме во позиција да одбиеме поради притисокот од санкциите“, рече еден извор од Кремљ, алудирајќи на заканите од Трамп дека Русија ќе се соочи со сериозни последици ако Путин не прифати мир.