После 10 дена, пожарот во „Јасен“ е ставен под контрола по врнежите од дожд утрово. Во „Јасен“ гореше мешана шума, а пожарот беше тежок за гасење бидејќи теренот е стрмен и непристапен.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов рече дека на одредени места од пожарната линија сè уште може да се забележи чадење и затоа ќе се продолжи со пешадиско дејствување.
„Ќе продолжиме со пешадиско дејствување врз жешките точки кои покажуваат знаци на горење за да не дозволиме повторно разгорување на овој исклучително тежок пожар за гаснење, затоа што на некои места имаме дебели слоеви од лисја и шишарки што се исклучително горливи, а ветрот што постојано дува и го менува правецот набргу ќе ја исуши вегетацијата и постои можност од повторно будење на пожарот“, рече Ангелов.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека до 7 часот се регистрирани вкупно 27 пожари на отворено. Од нив активни се осум, а изгаснати се 19.