Комплетот кубури „дебарска целина“, пиштол капислар едноцевен „скопјанка“, и пушка кременарка, копија од печатот на Македонското востание, како и скиците за поставеноста на воените единици од Разловечкото и Македонското востание се дел од 36-те предмети на изложбата „Од чета до армија“ која е поставена во фоајето на Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. Автор на изложбата е Бојан Трпевски, водич-историчар.
Дел од поставката се и 5 паноа со текст, од едната страна македонски, од другата на англиски.
„Еден од столбовите во конституирањето на една држава претставува и армијата, чија цел е заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на една држава, како и безбедноста на нејзините граѓани. Македонското население неколку века пред создавањето на сопствена држава покажало борбеност и подготвеност да се бори за своја слобода и независност, за време на странските владеења на територијата на географска Македонија. Во контекст на тоа се роди идејата за еден проект преку кој ќе биде прикажан развојниот пат на создавањето на македонската војска, која иако млада како независната македонска држава, сепак има долга борбена традиција и искуство стекнато токму преку борбата за слобода“, вели Трпевски.
Музејот на македонската борба за самостојност како специјализиран историски музеј ја опфаќа целокупната борба за македонска држава, посветувајќи особено внимание на вооружениот аспект. Трпевски вели дека со оглед на тоа што Музејот поседува значителен број материјали и предмети за дадената тема, се роди идејата за насловот „Од чета до армија“. Проектот е одобрен и финансиран од Министерството за култура и туризам и се одвивал во повеќе фази.
Така, вели Трпевски, најпрво се одвиваа кабинетски истражувања во рамките на институцијата, како и теренски истражувања во рамките на Државниот архив во Скопје, како и подрачните архивски одделенија во Прилеп, Битола, Велес и Штип.
„По завршување на фазата на селектирање и обработка се изработи каталог во 300 примероци кој излезе од печат во 2023 и кој во меѓувреме се потроши целосниот тираж. На крај се дојде до завршната фаза односно изложбата“, вело тој.
Концепциски, изложбата се состои од пет паноа со текстови и скенирани фотографии со објаснувања на македонски и англиски јазик. Првото пано го опфаќа воведот со кратко објаснување за идејата и содржината на текстот. Второто пано содржи текст и фотографии од ајдутството и Разловечкото и Македонското востание како први движења со политичка програма и цел за македонска држава. Третото пано го прикажува Четничкиот институт на МРО/ТМОРО, кој му дава организирана форма и го издига македонското револуционерно ослободително движење на едно повисоко ниво. Некогашните четници и војводи припадници на тој институт ќе создадат свои воени единици кои ќе се вклучат во Балканските војни и Првата светска војна, за жал, поделени меѓу три војски, иако со една цел – македонска државност и независност.
Меѓу скенираните фотографии се истакнува Уставот и Правилникот на ТМОРО, како и Правилникот за четите на ТМОРО, кои се основата за изградба на Четничкиот институт, со кој ТМОРО станува вистинска „Подземна република“, револвер, кама и библија пред кои се положувала заклетвата „Слобода или смрт“ кога се зачленувале во оваа тајна организација, како и црешовото топче, за чија моќност и ден денес има анегдоти.
Четвртото пано е посветено на Втората светска војна и партизанското движење. Во оваа војна македонското население, повикувајќи се на илинденските традиции, одбирајќи ја вистинската страна на историјата масовно се вклучи во Народноослободителната борба. Со омасовувањето на борбата се создале услови за создавање и на покрупни воени единици, како баталјони, бригади, дивизии и корпуси, за да во завршните операции за ослободувањето на Македонија, да дејствуваат како една организирана македонска армија. На ова пано покрај скенираните фотографии од партизански одреди и баталјони, имаме прикажано и скенирани документи дадени од Државниот архив , кои се извештаи на 42 и 49 дивизија на НОВ и ПОЈ за Македонија.
Петтото пано прикажува како со завршувањето на војната се создаваат услови за преминување во мирнодопско функционирање на македонската армија. Впрочем улогата на македонска армија во рамките на СФРЈ, ја играла Петтата југословенска армија стационирана во Македонија која требало да ја контролира јужната граница, за чие функционирање верувам се запознати и дел од присутните. Некогашните припадници на Петтата југословенска армија ќе играат клучна улога во создавањето на современата македонска армија по осамостојувањето на македонската држава. Покрај фотографии од паради на ЈНА, тука имаме и скенирани фотографии од првото дефиле на АРМ, како и почесна смотра на првата генерација регрути на АРМ. Со оглед на тоа дека поставката концепциски завршува со осамостојувањето на Македонија во 1991 година, и оваа изложба завршува со формирањето на АРМ и военото осамостојување на Македонија.
Во витрините има изложени оригинални оружја, орудија и воена опрема од соодветните историски периоди, кои дел се изложени во постојаната поставка, но поголемиот дел се во депото, па всушност првпат стануваат достапни за јавноста. Така особено се истакнува комплетот кубури „дебарска целина“, пиштолот капислар едноцевен „скопјанка“, и пушката кременарка од пораниот период,копија од печатот на Македонското востание, како и скиците за поставеноста на воените единици од Разловечкото и Македонското востание, пушката берданка и бомбата одринка користени од македонските востанички чети од Илинденскиот период.
Покрај тоа, се истакнува и оригиналниот револвер „франкот“ кој што има изгравирано ВМОРО, револверот „гасер“. Од посовремениот период пак се истакнуваат британскиот автомат „стен“, советскиот ППСх, германскиот автомат „ерма“ и американскиот „томпсон“, како и оригинални фотографии од ослободување на македонски градови и скици со тактичката поставеност на воените единици во Февруарскиот поход и завршните операции за ослободување на Македонија. Исто така, меѓу другите артефакти на крајот е поставен и како документ Законот за одбрана на Република Македонија објавен во Службен весник на 15 февруари 1992 година со кој бил започнат процесот на создавање на самостојна македонска армија.
„Јас сум многу благодарен на тимот соработници од работната група кои со своите предлози придонесоа за конечниот изглед на изложбата; кустосите чии збирки предмети всушност и се изложени во холот, како и донаторите Благоја Механџиски, Трифун Костовски, Ставре Џиков, иолета Пирузе, Министерството за внатрешни работи“ , вели Трпевски.
Изложбата е подготвоена и во соработка со професорот Андреј Илиев од Воената академија „Михајло Апостолски“ и Воениот оркестар.
„Посебна благодарност упатувам до припадниците на Армијата, кои што со сите предизвици ја чуваат Македонија од внатрешни и надворешни закани. Се надевам дека ќе имате што помалку работа, бидејќи тоа значи дека веќе сте ја завршиле својата работа и во државата владее мир и благосостојба и граѓаните се безбедни. Покрај тоа, се надевам дека оваа изложба ќе биде едно мало внимание и знак на почит кон тоа што го правите. Благодарам за вашата служба“, рече Трпевски на отворањето.
Б. НЕСТОРОСКА