Американскиот режисер оскаровец, Вуди Ален вчера се појави на Московската меѓународна филмска недела, како главен гостин на програмата „Легенди на светското кино“. 89-годишникот учествуваше на настанот преку видео врска – наместо лично – а пропутинскиот руски режисер Фјодор Бондарчук го модерираше разговорот. Присуството на Ален предизвика негодување, а Министерството за надворешни работи на Украина го нарече „срам и навреда“.
Веб-страницата на фестивалот го опиша настанот како „атмосфера на доверлив дијалог“ за да им овозможи на присутните да „го допрат внатрешниот свет на режисерот, да разберат како се раѓаат приказни што остануваат во културата со децении и да слушнат мисли што ретко се појавуваат во јавноста“. Според руските државни медиуми, Ален зборуваше за своето восхитување од рускиот филм и за време на разговорот изјави дека вештачката интелигенција никогаш нема да може да создаде дела на ниво на книгите на Фјодор Достоевски.
РИА Новости објави дека кога бил прашан за снимање во Русија, Ален рекол дека не добил никакви предлози и дека ако има понуди, нема да биде против сценарио фокусирано на чувството на удобност што претходно го чувствувал во Москва.

„Учеството на Вуди Ален на Московската меѓународна филмска недела е срам и навреда за жртвата на украинските актери и режисери кои биле убиени или повредени од руски воени злосторници во нивната тековна војна против Украина“, изјави Mинистерството за надворени работи на Украина проследено со оваа илустрација. (Фото: Икс)
Иако ниту Вуди Ален ниту неговите претставници јавно не коментирале за неговото учество на настанот, онлајн присуството на режисерот на Московската меѓународна филмска недела предизвикало негодување.
Министерството за надворешни работи на Украина остро го осуди неговото учество, велејќи дека Ален му дава кредибилитет на „крвав фестивал“ на кој учествуваат сојузниците на Путин и дека тоа претставува игнорирање на секојдневните злосторства што Русија продолжува да ги извршува во Украина.
„Учеството на Вуди Ален на Московската меѓународна филмска недела е срам и навреда за жртвата на украинските актери и режисери кои биле убиени или повредени од руски воени злосторници во нивната тековна војна против Украина“, изјави министерството. „Културата никогаш не смее да се користи за прикривање на злосторствата или да служи како алатка за пропаганда.“
Последниот филм на Вуди Ален досега беше „Случаен подвиг“ од 2023, кој премиерно беше прикажан на 80-то издание на Венецискиот филмски фестивал.