ПО 30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА 7 УАПСЕНИ ОД 13 ОСОМНИЧЕНИ ДЕКА 9 ГОДИНИ ФИКТИВНО ПРОДАВАЛЕ ГОРИВО ЗА ДА ЗАТАЈАТ ДАНОК И ДА ИСПУМПААТ ПАРИ ОД БУЏЕТОТ, ШЕФОВИТЕ НА ФИРМИТЕ НЕЛЕГАЛНО ПРЕСТОЈУВАЛЕ ВО МАКЕДОНИЈА

    ПО 30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА 7 УАПСЕНИ ОД 13 ОСОМНИЧЕНИ ДЕКА 9 ГОДИНИ ФИКТИВНО ПРОДАВАЛЕ ГОРИВО ЗА ДА ЗАТАЈАТ ДАНОК И ДА ИСПУМПААТ ПАРИ ОД БУЏЕТОТ, ШЕФОВИТЕ НА ФИРМИТЕ НЕЛЕГАЛНО ПРЕСТОЈУВАЛЕ ВО МАКЕДОНИЈАМистерија е за колку го оштетиле Буџетот, т.е. дали и колку пари осомничените во иднина ќе треба да вратат, како и тоа кои функционери им го дозволувале ова целА деценија. (Фото: СДК.МК)

    Денешната акција на апсења и претреси, спроведена на повеќе локации низ Македонија со акцент во Кумановско-Липковскиот крај, како и во Желино, е резултат на двегодишна предистражна постапка што ја водело Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во тесна соработка со Управата за финансиска полиција.

    Постапувајќи по кривичната пријава, надлежен обвинител од ОЈО ГОКК донел наредба за спроведување на истражна постапка против 13 лица, меѓу кои се и четворица косовски државјани и една државјанка на Република Хрватска. Досега се обезбедени седум лица за кои е прифатен предлогот на Обвинителството и Судот со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена, за останатите – петмината странски државјани и еден македонски државјанин мерката притвор ќе биде определена во отсуство.

    Осомничените се товарaт дека девет години, односно од 2014 до 2023, организирале и учествувале во криминална група со цел да се стекнат со противзаконска имотна корист преку даночно затајување, даночна измама и перење пари, со што осомничените го оштетиле Буџетот на државата „во големи размери“. Обвинителството засега не кажува колку пари се тоа, што значи „големи размери“ и колку пари криминалната група треба да врати во Буџетот.

    Групата креирала мрежа од фирми преку кои се вршела продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати, преку кои се изготвувале фактури со невистинита содржина, со цел да се избегне плаќањето на даночни обврски и да се оствари незаконски поврат на ДДВ.

    „Преку правни лица што не поседуваат дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно гориво, со намера да избегнат целосно или делумно плаќање на законски предвидените даночни обврски. Продажбата во поголем број случаи се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури, а средствата прибрани во готово не биле евидентирани во сметководствената документација. Осомничените странски државјани, кои формално биле назначени за одговорни лица во повеќе осомничени правни субјекти, немале регулиран престој во земјава, што организаторите на групата го користеле како начин за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување“, кажа Обвинителството за гонење организиран криминал.

    Но, тоа не кажува како е возможно тука да работат и да бидат одговорни лица странски државјани без регулиран престој, кој го толерирал ова еднодецениско испумпување пари од Буџетот и кои функционери се вмешани во тешкиот криминал.

    „Воедно, организаторите на групата, од продадените нафтени деривати во готово пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на паричните средства со намера да го прикријат нивното движење, со што се стекнале со противправна имотна корист во големи размери, а за која знаеле дека е прибавена со кривичното дело Даночно затајување, при што сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. Јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени“, вели Обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира