ПЕЧАТИТЕ ОД ГИМНАЗИЈАТА ВО ДЕМИР ХИСАР ЗАВРШИЈА КАЈ НОВАТА В.Д. ДИРЕКТОРКА, АДВОКАТОТ НА ПРЕТХОДНАТА ВЕЛИ ДЕКА Е НАПРАВЕНА ПРОМЕНА ВО ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР И ПОКРАЈ ЗАБРАНАТА ПОРАДИ ИЗБОРИТЕ

    ПЕЧАТИТЕ ОД ГИМНАЗИЈАТА ВО ДЕМИР ХИСАР ЗАВРШИЈА КАЈ НОВАТА В.Д. ДИРЕКТОРКА, АДВОКАТОТ НА ПРЕТХОДНАТА ВЕЛИ ДЕКА Е НАПРАВЕНА ПРОМЕНА ВО ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР И ПОКРАЈ ЗАБРАНАТА ПОРАДИ ИЗБОРИТЕПо незаконското присвојување на гимназиските печати, во Централниот регистар е направена промена на директор на училиштето на 25 август, за време на забраните предвидени со Изборниот законик (Фото:СДК.МК)

    Со цел да се обезбеди непречено функционирање на Гимназијата во Демир Хисар, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола дал насоки на СВР Битола да ги врати печатите на Општина Демир Хисар како основач на училиштето и надлежен орган за надзор и управување.

    Од Обинителството соопштија дека до Општината било доставено известување со насоки да обезбеди правилно чување и користење на печатите, но и да ја разгледаат можноста за нивно поништување ако постојат законски основи за тоа.

    Печатите од училиштето ги одзеде полицијата на 13 август по случајот со директорската смена во Гимназијата. Сега тие се кај новоназначената в.д. директорка Јасмина Дамчевска, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот Никола Најдовски.

    „Обвинителството ги врати печатите во полицијата во Демир Хисар со налог да бидат доставени во Општината. Јас  ги предадов на Комисијата за примопредавање во училиштето и сега се кај новата вд директорка таа ја обавува функцијата директор “, рече Најдовски.

    На ова реагираше бранителот на досегашната директорка Маја Лозановска, адвокатот Жаре Стеваноски, дека во Централниот регистар е направена промена на директор на училиштето на 25 август, односно за време на забраните предвидени со Изборниот законик.

    „Очигледно Јавниот обвинител нашол соломонско решение и одлучил спротивно на Законот за кривична постапка службените печати да ги врати на оснивачот Општина Демир Хисар, односно на градоначалникот, а тој ги предал на новоназначениот в.д. директорка за да си направи промена во Централниот регистар и да се устоличи како директор ни помалку ни повеќе во екот на распишани избори. Така на 25.08.2025 година во Централен регистар е направена промена на директор на училиштето целосно множејќи ги забраните предвидени со Иборниот законик со нула“, реагира Стеваноски.

    Драмата околу директорската смена во училиштето почна неколку дена пред распишувањето на локалните избори. Градоначалникот ја разреши претходната директорка Маја Лозановска, која беше на боледување и не го прими решението за разрешување. Беше назначена нова в.д., но таа ги немаше печатите за да направи промена во Централниот регистар. Ден пред распишување на изборите полицијата направи претрес во домот на Лозановска барајќи ги печатите под сомнение дека ги одзела. Но, тие не беа најдени таму. Откако се врати од боледување, Лозановска ѝ посочи на полицијата дека печатите цело време биле во школото.

    Лознаовска пред некој ден изјави дека локалната власт брзала да ја смени за да можат да стават свои кадри на огласот за вработување на 19 лица во училиштето пред да се распишат изборите. Градоначалникот Најдовски пак, имаше изјавено дека постапувал по известување на Државниот просветен инспекторат, кој баш пред избори утврдил пропусти во работењето на Лозановска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира