Македонија со специјална програма го одбележа Денот на независноста на еден од најголемите светски настани Експо во Осака, при што во присуство на многубројна публика имаше автентично претставување на македонските култура, традиција и современо уметничко творештво.
Оперските пејачи Ана и Игор Дурловски и камерниот оркестар „Ајга“ изведоа македонски народни песни во современи обработки на композиторот Сони Петровски, концерт одржа џез-гитаристот Владимир Василевски-Четкар, а настапи и Кирил Џајковски со својот бенд. Дел од настанот беше и изложбата посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге.
Во македонскиот павилјон, кој бележи околу 30.000 посетители дневно, гостите имаат можност да се запознаат со културното наследство, туристичкиот потенцијал, природните убавини, уникатното наследство под заштита на УНЕСКО и со богатата гастрономска традиција.