Во Велешко има 155 првачиња помалку од лани. На училиште оваа година тргнаа децата родени во 2019, а таа година во Велешко беа родени 600 бебиња. Годинава 401 првоодделенец доби од Општина Велес парична помош од три илјади денари која ја доделува локалната власт. Тоа е за 155 помалку од бројот на првооделенци што Општината го доби од МВР во мај, дека 556 деца треба да почнат образование во седумтте велешки основни школи.
Толкава беше и бројката, 556 деца, кои требаше пред да тргнат на училиште пролетва да поминат на задолжителен систематски преглед кај очен лекар и на стоматолог.
Голем е бројот на деца кои недостигаат во прво одделение во основните училишта во Велешко поради менување адреса.
Во ОУ „Панко Брашнар“ тоа се 37 деца, во ОУ „ Блаже Конески“ во странство заминале 30 деца. Во други училишта, разликата во бројот на деца кои требало да се запишат е заедно со тие кои се иселиле со родителите. Така во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ недостигаат 55 деца, во ОУ „Васил Главинов“ 40 првооделенци. И во училиштето во Бузалково, каде настава посетуваат ученици на албански јазик, има намалување на бројот, таму наместо 35 се запишале 30 ученици во прво одделение.
П. ПЕЧКОВ