Гори фабриката „Нула отпад“ во селото Трубарево, во скопската Општина Гази Баба, кажа директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. „Нула отпад“ е компанија која по пријава на граѓани врши бесплатно преземање на електричен и електронски отпад од нивниот дом, којшто потоа го рециклира.
Ангелов рече дека станува збор за сериозен пожар поради материјалите што горат, тежок за гаснење. Тој кажа дека е на пат за Трубарево. На видеоснимките на ДЗС за пожарот се слушаат и детонации.
Од „Нула отпад“ соопштија дека гори рециклаторен центар кој е нивни соработник.
„Нула отпад’ како колективен постапувач кој го организира системот на собирање на отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, не поседува отпад ниту фабрика за пластика, фабрика за акумулатори или било каков отпад во Трубарево. Согласно информации од медиумите, станува збор за пожар во рециклаторен центар кој е еден од нашите соработници“, велат од Нула отпад“.
„Преку бројот за итни повици на бројот 112 е добиена пријава за голем пожар во Општина Гази Баба поточно во с. Трубарево каде. Бригата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје се на лице место каде што интервенираат во гаснењето на пожарот. Состојбата се следи“, изјави директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Селото Трубарево се наоѓа на 10 километри источно од центарот на Скопје на регионалниот пат Скопје-Велес. Во близина на селото се наоѓаат населените места Маџари, Гоце Делчев, Јурумлери, Горно Лисиче и Долно Лисиче.
Густиот чад што се издига од пожарот е видлив од повеќе делови на Скопје и од центарот на градот.