Две групи со дрвени и други предмети се тепале денеска пред Општата болница во Прилеп. Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи, по пријавата за тепачката на лице место дошле полицајци, но групите не престанале да се тепаат, па еден од полицајците морал да пука во воздух, по што се приведени 13 лица.
„Денеска околу 12 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека пред Градската општа болница ‘Борка Талески‘ во Прилеп настанала физичка пресметка помеѓу повеќе лица, кои употребиле дрвени и други предмети. На местото се испратени полициски службеници, но лицата не постапиле по нивните наредби да престанат, по што еден од нив испукал неколку истрели во воздух од службениот пиштол. Во полициска станица Прилеп се приведени 13 лица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави“, велат од МВР.