Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против 40-годишен скопјанец кој ја повредил мајка си барајќи ѝ пари. За него постои основано сомневање дека сторил кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Насилството е се случило на 21 септември во дворот на семејниот дом на улицата Славејко Арсов, кога осомничениот најпрво на висок тон барал пари од неговите мајка и татко. Таткото вознемирен веднаш го напуштил дворот, а пријавениот продолжил да ѝ се обраќа на мајка си со груби и навредливи зборови.
„Потоа и физички ја нападнал, започнал да ја влече со рацете за да ѝ го земе телефонот, па потоа ја турнал на земја и почнал да ја дави за вратот. Оштетената исплашена за својот живот, некако успеала да се тргне на страна, додека осомничениот продолжил да манифестира насилничко однесување кршејќи ги саксиите со цвеќе и останатите предмети во дворот. Како резултат на семејното насилство, на осомничената ѝ биле нанесени телесни повреди“, вели Обвинителството.
Имајќи ја предвид опасноста од бегство и потребата од заштита на оштетената со која осомничениот живее во иста заедница, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.



