АПЕЛАЦИЈА ЈА ПОТВРДИ ДВЕГОДИШНАТА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА МЕНСУР ПАЈАЗИТИ КОЈ ЈА ПРЕГАЗИ ТЕОДОРА РИСТОВСКА НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН ВО ТЕТОВО

    АПЕЛАЦИЈА ЈА ПОТВРДИ ДВЕГОДИШНАТА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА МЕНСУР ПАЈАЗИТИ КОЈ ЈА ПРЕГАЗИ ТЕОДОРА РИСТОВСКА НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН ВО ТЕТОВОСемејството на Теодора соопшти дека се „згрозени од оваа срамна одлука на Апелациониот суд“. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд во Гостивар ја потврди пресудата на Основниот суд во Тетово, со која на Менсур Пајазити од Голема Речица му е потврдена казната затвор во траење од две години. Пајазити во август 2022  возел со брзина поголема од дозволената, не почитувал предност за минување и на пешачки премин ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска, која набрзо по несреќата почина.

    По ваквата одлука на Апелациониот суд во Гостивар семејството на Теодора испрати соопштение до јавноста во кое вели дека се „згрозени од оваа срамна одлука на Апелациониот суд“.

    „Оваа пресуда е срам за правдата. Животот на Теодора згасна, а казната изгледа како подбив. Наместо вистинска правда, добивме минимизирање на трагедијата што нè скрши. Ние не бараме привилегии. Бараме човечност и фер однос – она што му припаѓа на секој граѓанин. Кога казната е непропорционална со загубата, виновен станува не само сторителот туку и самиот систем. Го гледаме осудениот како слободно се движи, дури повторно седнува зад воланот, без видливо чувство на вина. За нас, тоа е брутална навреда за сеќавањето на Теодора и за секој што знае што значи да изгубиш дете, сестра или најблиска личност“, се вели меѓу другото во соопштението на родителите на Теодора Ристовска.

    На првото судење во ноември 2023, по признавањето вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди и на Основниот и на Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење.

    На повтореното судење судијата Елведин Ферати, иако Пајазити беше обвинет за стореното кривично Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, повторно му изрече казна од само 2 години затвор. Образложението на судијата е  дека: „Виновен е затоа што на 15.08.2022 година во Тетово, како учесник во сообраќајот не се придржувал до прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Управувал возило ‘бмв’ и се движел по булевар, со брзина од 59 километри на час, која брзина не е прилагодена на условите на патот за да може навремено да го запре возилото, при што не му отстапил првенство на минување на пешакот, сега покојната Теодора Ристовска која поминувала на обележан пешачки премин“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира