НАРОДНА БАНКА И ЕУ ПОЧНАА ПРОЕКТ ЗА МОДЕРНИЗАЦИЈА НА СТАТИСТИКАТА И ПЛАТНИТЕ СИСТЕМИ, ЌЕ ТРАЕ ДО 2028 ГОДИНА

    НАРОДНА БАНКА И ЕУ ПОЧНАА ПРОЕКТ ЗА МОДЕРНИЗАЦИЈА НА СТАТИСТИКАТА И ПЛАТНИТЕ СИСТЕМИ, ЌЕ ТРАЕ ДО 2028 ГОДИНАПридобивките од овие промени треба да ги почувствуваат банките, компаниите, населението и државата и тие се за да ја поддржат Македонија во подготовките за пристапување кон ЕУ. (Фото:СДК.МК)

    Народната банка со поддршка од ЕУ почна проект „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“.

    Целта на проектот е модернизација на институцијата и приближување до европските стандарди, што ќе овозможи посигурни услуги и поголема доверба кај јавноста.

    Проектот се состои од две клучни компоненти: статистиката и платните системи – области коишто претставуваат темел на монетарната политика и модерната финансиска инфраструктура.

    „Првата компонента се однесува на воспоставување склад на податоци за екстерните статистики. Овој податочен склад ќе овозможи современ, автоматизиран и флексибилен модел за собирање, обработка и анализа на податоците за билансот на плаќања, странските директни инвестиции и меѓународната инвестициска позиција. И покрај високото ниво на усогласеност со европските барања, дигитализацијата на процесите ќе овозможи попрецизни, подетални и меѓународно споредливи податоци. Модернизацијата на техничките решенија коишто се користат во процесот на подготовка на квалитетна и навремена статистика, ќе овозможи подобар пристап до информации за граѓаните, компаниите и за институциите, ќе ја зголеми ефикасноста и транспарентноста во работењето и ќе ја поддржи земјата во подготовките за пристапување кон Европската Унија“, рекоа гувернерот Трајко Славески и ИТ и другите експерти од Народна банка.

    Втората компонента е усвојување на новиот светски стандард ISO 20022 во платниот систем МИПС. Усвојувањето на овој меѓународен стандард ќе ја засили интероперабилноста помеѓу домашните и меѓународните платни системи, а особено платните системи со кои управува Европската централна банка и во рамките на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како основа за забрзување, поедноставување и поевтинување на прекуграничните плаќања во иднина.

    „Придобивките од овие промени несомнено ќе ги почувствуваат сите сегменти на економијата – банките, компаниите, населението и државата. Со оваа трансформација се создаваат предуслови за поефикасни финансиски пазари, посилна конкурентност и поефикасно управување со ликвидноста на банките и компаниите, како и за подобро корисничко искуство за граѓаните“, зборуваа гувернерот и високите службеници од НБРМ.

    Амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас кажа дека ова не е само технички проект, туку инвестиција во отпорноста, транспарентноста и довербата — инвестиција во модернизацијата на банкарскиот систем.

    „Приклучувањето на Северна Македонија кон Единствената област за плаќања во евра оваа година ќе придонесе за надградба на статистичката и платежната инфраструктура, што дополнително ќе ја усогласи земјата со европските стандарди и ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните, компаниите и за економијата во целина“, рече Рокас.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира