Радарот на Скопскиот аеродром е поправен и од денеска работи, кажа денеска министерот за транспорт и врски Александар Николоски. Новиот, неотпакуван радар од компанијата „Леонардо“ купен во 2018, ќе се инсталира наскоро, најави министерот.
Од 20 септември утрото, контролорите на летање не ги гледаа како досега авуионите на слетување, под 3.000 метри височина. До 3.000 метри ги користеа радарите на Грција и Бугарија, а под таа висина ги слетуваа еден по еден рачно, за да не се загрози безбедноста на патниците кои слетуваа на Скопскиот аеродром.
„Од денеска во 12 ч радарот е ставен во функција и проблемот е решен. Успеавме проблемот да го решиме во рекордно време од само 3 дена, и уште повеќе, да детектираме една работа коа можеби не беше позната во јавноста, а тоа е дека и досега 7 години наназад овој радар работел само со еден канал. Сите безбедносни протоколи беа испочитувани овие 3 дена и ниедна авиокомпанија не откажа лет. Најавувам дека на следната седница на Влада во вторник, ние ќе донесеме одлука за инсталирање на новиот радар и така ќе имаме целосно нов радар за Контролата на летање“, кажа денеска Николоски на настан во Кавадарци.
Тој рече дека тој радар е стар 27 години и за него престанале да се произведуваат делови пред 7 години, а сега за делови помогнала Контролата на летање на Бугарија и италијанската влада.
С. К. ДЕЛЕВСКА