Полскиот авантуристички скијач Анџеј Баргиел испиша историја, станувајќи првиот човек што се искачил на Монт Еверест и потоа се спуштил со скии без да користи дополнителен кислород. Ова беше трет обид за 37-годишниот Полјак да го освои највисокиот врв на светот, откако претходните обиди во 2019 и 2022 година беа прекинати поради опасни услови.
„Самиот врв беше напорен и тежок. Никогаш во животот не сум поминал толку многу време на таква надморска височина, така што тоа само по себе беше предизвик. Спуштањето со скии од Еверест без кислород беше сон што со години растеше во мене“, изјави Баргиел.
Според хималајската база на податоци, повеќе од 6.000 луѓе се искачиле на врвот висок 8.849 метри, но само околу 200 го направиле тоа без боци со кислород. Неколкумина успеале да се спуштат со скии, но никој досега не извел континуирано спуштање без помош на кислород.
На Баргиел му беа потребни речиси 16 часа во понеделникот за да се искачи низ таканаречената „зона на смртта“, делот над 8.000 метри каде што воздухот е толку редок што планинарите добиваат само една третина од кислородот достапен на ниво на морето, што може да предизвика оштетување на мозокот, течност во белите дробови, па дури и смрт.
Во вторникот наутро, тој се спушти со скии низ Кумбу, лавиринт од ледени кули и длабоки процепи познат како еден од најопасните делови на Еверест. Притоа, делумно бил воден од дрон со кој управувал неговиот брат, Бартек.
Полскиот премиер Доналд Туск го прослави успехот на социјалната мрежа Икс, пишувајќи: „Небото е граница? Не за Полјаците! Анџеј Баргиел штотуку се спушти со скии од Монт Еверест“.
Баргиел во 2018 година стана и првиот човек што се спуштил со скии од пакистанскиот К2, вториот највисок врв во светот.