ХАМАС СÈ УШТЕ НЕ ОДГОВОРИЛ НА МИРОВНИОТ ПЛАН ЗА ГАЗА, БЛИСКОИСТОЧНИТЕ ЛИДЕРИ ВЕЛАТ ДЕКА ТОЈ ТРЕБА ДА ДОВЕДЕ ДО РЕШЕНИЕ СО ДВЕ ДРЖАВИ

    ХАМАС СÈ УШТЕ НЕ ОДГОВОРИЛ НА МИРОВНИОТ ПЛАН ЗА ГАЗА, БЛИСКОИСТОЧНИТЕ ЛИДЕРИ ВЕЛАТ ДЕКА ТОЈ ТРЕБА ДА ДОВЕДЕ ДО РЕШЕНИЕ СО ДВЕ ДРЖАВИТрамп кажа дека планот ќе донесе мир не само во Газа, туку и на целиот Блиски Исток и го предупреди Хамас да го прифати или ќе биде уништен (Фото: АП)

    Хамас сѐ уште не одговорил на мировниот план за Газа, што Доналд Трамп го претстави вчера по средбата со Бенјамин Нетанјаху, кој го кажа дека го поддржува. Планот од 20 точки беше поздравен од европските и блискоисточните лидери и тој предвидува Газа да стане демилитаризирана зона која веќе нема да претставува закана за Израел.

    Трамп кажа дека планот ќе донесе мир не само во Газа, туку и на целиот Блиски Исток и го предупреди Хамас да го прифати или Израел ќе продолжи со борбите сѐ до уништувањето на групата. Еден палестински извор изјави дека Хамас го примил планот и го анализира.

    Според планот на Трамп, војната ќе заврши моментално откако тој ќе биде прифатен од двете страни, линијата на фронтот ќе биде замрзната додека не се создадат услови за постепено повлекување на израелската војска, Хамас ќе го положи оружјето и ќе бидат уништени неговите тунели и капацитети за производство на оружје. Во рок од 72 часа од прифаќањето на планот ќе бидат пуштени сите преостанати живи и мртви заложници, а Израел ќе ослободи 250 палестински затвореници осудени на доживотен затвор и уште 1.700 лица уапсени по 7 октомври 2023. Планот исто така предвидува Газа да биде обновена во интерес на нејзините жители, а Хамас нема да учествува во идното управување, туку тоа ќе биде во рацете на „технократски, неполитички палестински комитет“. Транзицијата ќе ја надгледува специјален мировен одбор, на чие чело ќе биде Трамп.

    Во заедничка изјава, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Катар, Египет, Јордан, Турција, Индонезија и Пакистан ги поздравија „водството и искрените напори на Трамп да ја заврши војната во Газа“. Тие рекоа дека се подготвени да соработуваат со САД во финализирањето и спроведувањето на договорот кој „треба да доведе до решение со две држави, според кое Газа е целосно интегрирана со Западниот Брег во палестинска држава“.

    И европските лидери како Емануел Макрон, Кир Стармер и Џорџа Мелони кажаа дека оваа можност мора да се искористи за да се постигне траен мир во регионот.

    Висок функционер на Хамас изјави дека групата останува отворена за секој предлог што би можел да ја заврши војната во Газа, но нагласи дека секој договор мора да ги заштити палестинските интереси и да обезбеди целосно повлекување на Израел од Газа. Запрашан за оружјето на групата, тој рече:

    Оружјето на отпорот е црвена линија сè додека продолжува окупацијата. За оружјето може да се дискутира само во рамките на политичко решение кое гарантира воспоставување независна палестинска држава во границите од 1967 година“.

    Нетанјаху порача дека ако Хамас го отфрли планот или го прифати, а потоа не го спроведе, Израел ќе ја заврши работата, за што доби поддршка од Трамп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира