Европските лидери се шегуваа на сметка на Доналд Трамп на самитот на Европската политичка заедница во Копенхаген откако тој ги измеша Ерменија и Албанија во неколку ситуации. Зборувајќи колку војни решил откако се врати во Белата куќа, Трамп неодамна го спомна и конфликтот помеѓу Азербејџан и Албанија.
Албанскиот премиер Еди Рама беше снимен како се шегува за ова со францускиот претседател Емануел Макрон и азербејџанскиот лидер Илхам Алиев.
„Мора да се извините зашто не сте ни честитале за мировниот договор што Доналд Трамп го склучи помеѓу Азербејџан и Албанија“, му кажа Рама на Макрон, додека Алиев гласно се смее.
„Ви се извинувам“, одговори Макрон.
Трамп често ги меша Ерменија и Албанија кога зборува за решавањето на долгогодишниот конфликт помеѓу Азербејџан и Ерменија.
„Сум решил многу нерешливи војни. Азербејџан и Албанија, тоа траеше со години. Двајцата лидери беа во мојата канцеларија“, кажа Трамп на „Фокс њуз“ минатиот месец.
Ваков лапсус имаше и на неговата средба со британскиот премиер Кир Стармер, кога кажа дека го решил спорот помеѓу Албанија и Абербејџан, погрешно изговарајќи го името на државата.
Трамп навистина посредуваше во склучувањето на мировниот договор помеѓу Азербејџан и Ерменија, при што двете држави се обврзаа да стават крај на конфликтот и да ги прошират односите со САД. Трамп се фалеше и дека ги решил војните Србија-Косово и Египет-Етиопија, иако тие не ни војуваа во скоро време.