Претседателот на САД Доналд Трамп синоќа му нареди на Израел веднаш да престане со бомбардирањето на Газа, откако Хамас се согласи да ги ослободи заложниците и да прифати некои други услови во американскиот план за завршување на војната, но проблематичните прашања како разоружувањето се нерешени. Хамас изјави дека е подготвен да ги ослободи заложниците и да им ја предаде власта на други Палестинци, но дека другите аспекти од планот бараат дополнителни консултации меѓу Палестинците. Високи претставници на Хамас посочија дека сè уште има големи несогласувања за кои се потребни дополнителни преговори.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Израел се подготвува за „итна имплементација“ на првата фаза од планот на Трамп за Газа за ослободување на израелските заложници по одговорот на Хамас.
Кратко потоа, израелските медиуми објавија дека политичкиот ешалон на земјата ѝ наложил на војската да ги намали офанзивните активности во Газа. Началникот на Генералштабот на израелската војска во соопштение им наложил на силите да ја унапредат подготвеноста за спроведување на првата фаза од планот на Трамп, без да спомене дали ќе има намалување на воените активности во Газа.
Хамас, палестинската милитантна група што ја контролира Газа, одговори на планот од 20 точки на Трамп откако американскиот претседател ѝ даде рок на групата до недела да прифати или да се соочи со сериозни последици. Трамп, кој се претстави себеси како единствената личност способна да постигне мир во Газа, инвестираше значаен политички капитал во напорите за ставање крај на двегодишната војна во која загинаа десетици илјади луѓе, а сојузникот на САД, Израел, сè повеќе е изолиран на светската сцена.
Трамп рече дека верува оти Хамас покажал дека е „подготвен за траен мир“ и дека одговорноста ја префрлил на владата на Нетанјаху.
„Израел мора веднаш да го запре бомбардирањето на Газа, за да можеме безбедно и брзо да ги извлечеме заложниците!“, напиша Трамп на својата платформа Трут соушал. „Веќе сме во разговори за деталите што треба да се разработат. Не станува збор само за Газа, туку за долгоочекуваниот МИР на Блискиот Исток“.
Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека Израел „ќе продолжи да работи во целосна соработка со претседателот и неговиот тим за да се стави крај на војната во согласност со принципите утврдени од Израел, кои се во согласност со визијата на претседателот Трамп“.
Жителите рекоа дека израелските тенкови ја бомбардирале улицата Талатени, главна артерија во срцето на градот Газа, по пораката на Трамп до Израел да престане. Сведоци рекоа дека израелските воени авиони, исто така, го засилиле бомбардирањето во градот Газа во часот откако Хамас го издаде своето соопштение, погодувајќи неколку куќи во населбата Ремал.