Синот на актуелниот тетовски градоначалник Биљал Касами, Лавдрим Касами, ќе настапува за Фудбалската репрезентација на Албанија до 19 години (У-19), соопшти градоначалникот на својата фејсбук страница. Лавдрим Касами е играч на тетовскиот клуб Шкендија, а поканата што ја добил од албанската репрезентација е да настапува за двата пријателски натпревари што Албанија ќе ги игра против Ирска на 10 и 12 октомври.
Билал Касами за претстојните Локални избори е кандидат од Коалицијата „Вреди“ за градоначалник на Тетово. Неговата кандидатура ја поддржа и коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ немаат свои кандидати за градоначалник, туку само листи за советници.
„На врвот од кампањата, најубавата вест што ме направи неизмерно среќен дојде од Тирана. Мојот син, Лавдрим, кој игра за возрасната екипа на Шкендија, доби покана од фудбалската репрезентација на Албанија до 19 години за два пријателски натпревари против Ирска“, напиша Касами на Фејсбук и изрази и благодарност до Фудбалската федерација на Албанија.
Лавдрим сега игра за тимот на тетовскиот клуб Шкендија каде тренер и координатор е Ерхан Селими, кој воедно е и селектор на младинска репрезентација на Македонија.
Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за „360 степени“ изјавија дека Лавдрим Касами никогаш не добил повик да настапува за македонската репрезентација во категоријата од У-19.
„Нема ниту повик, ниту настап. Селекторите одлучиле дека нема квалитет. Никој не смее да се меша во изборот на селекторите“, изјави портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.
Од ФФМ велат дека Лавдрим Касами мора да има албанско државјанство за да добие покана за настап за албанската фудбалска репрезентација.
З. АНДОНОВ