ОД УТРЕ НОВ СИСТЕМ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ, СЕ ОЧЕКУВААТ ДОЛГИ ЧЕКАЊА НА ГРАНИЦИТЕ И ХАОС НА АЕРОДРОМИТЕ

    ОД УТРЕ НОВ СИСТЕМ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ, СЕ ОЧЕКУВААТ ДОЛГИ ЧЕКАЊА НА ГРАНИЦИТЕ И ХАОС НА АЕРОДРОМИТЕГерманија утре ќе започне да го имплементира ЕЕС само на аеродромот во Дизелдорф. (Фото: Аеродром Дизелдорф)

    Патниците кои од утре (12 октомври) ќе пристигнуваат во Европската Унија од земји што не се членки, вклучително и од Македонија, треба да се подготват за подолги чекања поради стапувањето во сила на новиот автоматизиран Систем за влез/излез (ЕЕС). Овој систем ќе го замени досегашното рачно печатирање на пасошите.

    Новата процедура предвидува државјаните на трети земји да застанат пред службеник за пасошка контрола или да користат киосци за самопослужување на аеродромите, пристаништата и меѓународните железнички терминали за да дадат отпечатоци од прсти и да бидат фотографирани. Овие податоци ќе се чуваат во системот три години и ќе овозможат дигитално евидентирање на влезовите и излезите, со што ќе се детектираат лицата кои го надминале дозволениот престој од 90 дена во период од 180 дена.

    Авиокомпаниите и властите стравуваат од можен хаос.

    „Авиокомпаниите кои летаат до големите аеродроми имаат строги распореди, па и само неколкуминутно доцнење на граничната контрола може да ги поремети поврзаните летови“, изјави Монсерат Барига, генерален директор на Здружението на европски регионални авиокомпании.

    Националните власти се загрижени за можниот хаос, особено во Франција, која е водечка туристичка дестинација во светот. Анонимен функционер од француското Министерство за внатрешни работи изјави дека со новиот систем, времето на чекање на граница за патниците од долгите летови би можело да се зголеми тројно. Поради ова, Франција планира да ангажира дополнителни 230 гранични полицајци.

    Системот ќе се воведува постепено во следните шест месеци, што значи дека нема сите премини да го користат веднаш, а до 10 април ќе постојат и двата система паралелно. Само три земји – Естонија, Луксембург и Чешка – ќе го воведат целосно од утре. Германија ќе започне само на аеродромот во Дизелдорф, Италија во Рим и Милано, а Шпанија само со еден лет за Мадрид.

    Здружението на аеродроми „Еј-Си-Ај Јуроп“ изрази загриженост поради „неизвесноста за тоа како системот ќе функционира кога сите земји-членки ќе се поврзат“, како и поради недостигот на персонал во граничната полиција и доцната кампања за информирање на патниците.

    За да се забрза процесот, Европската комисија подготви апликација за предрегистрација, но засега само Шведска потврди дека ќе ја користи. Во случај на предолги чекања или технички проблеми во првите шест месеци, ЕУ предвидува можност за привремена суспензија на системот.

    „Системот за влез/излез е дигиталниот столб на нашата нова заедничка европска рамка за миграција и азил“, изјави комесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира