Отстранет е дел од авионска бомба од 200 килограми која беше пронајдена во центарот на Велес при изведување градежни активности. Таа била активирана при вршењето на ископ на објектот во изградба. По експлозијата остана само главата на бомбата, која е тешка околу стотина килограми, имала екслозив, но не и детонатор за да се активира.
„Бомбата била исфрлена при бомбардирење на мостот и железничката пруга кои се во близина. Затоа нема потреба од стравување дека ќе се најдат и други. Градежната фирма која работи ќе добие и документ дека може да продолжи соработните активности“, кажа Зоран Пеев, деминер во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Велес во перидот 1941-1944 бил бомбардиран од нацистичка Германија. При освојувањето на градот 7-8 април 1941, имало и ОКОЛУ 50 цивилни жртви. Бил бомбардиран и од сојузниците односно од Англија, неколку дена по влегувањето на Германците во Велес.
Авионската бомба екслодирала на 9 октомври во 10,15 часот. Соседите не слушнале детонација, но затоа се почувствувал силен потрес, како земјотрес. Потресот го почувствувале и вработените од зградата на Основен суд Велес.
„Немаше експлозија, но затоа тука од блиската зграда неколку лица побегна од канцелариите надвор на отворено. Не знаевме што се случува, додека не објави локален медиум“, вели жител на блиската куќа.
Велешката полиција информацијата за екслопзијата ја објави на 10 октомври попладне.
До денеска, додека не дојде стручно лице за отстранување на бомбата, објекот беше затворен, не се изведуваа градежни работи, а го чуваше и полицијата.
П. ПЕЧКОВ



