Во притвор почина Владо Петров, пензиониран полициски службеник и осомничен дека, додека бил Главен испектор за собраќајни работи, потпишал документ за паркинг просторот пред дискотеката „Пулс“ во Кочани, соопшти Независниот полициски синдикат. Во пожарот во кочанската дива дискотека „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица и 200 беа повредени.
„Петров е човек кој целиот свој работен век го посвети на службата и заштитата на граѓаните. За жал, Владо не ја дочека правдата. Тој беше осомничен во случајот за трагичниот пожар во ноќниот клуб ‘Пулс’ во Кочани, во кој загинаа 62 лица – една од најтешките трагедии во поновата историја на нашата држава“, се вели во соопштението од Македонскиот полициски синдикат.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја води истрагата против триесет полициски службеници, кои се товарат дека како службени лица вработени во СВР Штип и полициската станица во Кочани не направиле целосна и детална проверка за издавање согласност за добивање лиценца за „Пулс“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир.
Првично во истрагата беа осомничени седуммина полицајци, а во април таа беше проширена со уште десетмина. Уште 13 полицајци беа осомничени во јуни годинава.
Постапката и понатаму е во фаза на истрага и ОЈО ГОКК сè уште нема поднесено обвинение, за разлика од другиот предмет во веќе има обвинителен акт за 34 физички и три правни лица за пожарот во „Пулс“.
Судијката Диана Груевска-Илиевска од Одделот за кривично полнолетни во Кривичниот суд ќе го суди предметот за „Пулс“ откако на 3 октомври Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека во целост е одобрен обвинителниот акт за пожарот.
Станува збор за предмет со 37 обвинети лица и 33 бранители, кој Врховниот суд на 25 јуни одлучи од Кочани да го премести во Скопје. Образложението беше дека со случајот треба да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“.