Тетовската полиција во неделата казнила четворица возачи поради брзо возење. Тие возеле 50, па дури и над 80 километри на час повеќе од дозволената брзина. Возач од скопското село Патишка Река тој ден двапати бил санкциониран од полицијата поради брзо возење.
„На 12.10.2025 во 15:10 часот, на автопатот Скопје-Тетово кај наплатната станица Желино, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Тетово го лишија од слобода А. Х. (26) од Патишка Река, Скопско. При контрола на сообраќајот со радар, полициските службеници констатирале дека управувал возило ‘фолксваген пасат‘ со брзина од 181 километар на час на место каде што дозволената брзина е 100 километри на час. Подоцна, откако бил пуштен, тој повторно бил фатен како го управува возилото со брзина многу поголема од дозволената. На булеварот Маршал Тито во Тетово тој е затекнат како вози со 105 километри на час на место каде што брзината е ограничена на 50 километри на час“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Тетовската полиција поради пребрзо возење ги лишила од слобода и ги санкционирала и С. А. (50) од Тетово, кој во населено место управувал „ауди“ со брзина од 108 километри на час на место каде што дозволената брзина е 50 километри на час и Б. Ј. (19) од Слатино, кој возел „фолксваген голф“ со брзина од 177 километри на час на место каде што дозволената брзина е 100 километри на час.
Поради пребрзо возење лишен од слобода е и К. М. (28) од Радовиш затоа што управувал патничко возило „фолксваген артеон“ со брзина од 173 километри на час, односно 73 километри на час повеќе од дозволеното, соопштуваат од СВР Тетово.
З. АНДОНОВ