Две лица загинаа, а околу 80 се повредени откако се преврте автобус кај српскиот град Сремска Митровица. Српското министерство за внатрешни работи кажа дека автобусот превезувал работници на фирмата „Хелткер“.
Полицијата соопшти дека автобусот од засега непознати причини излетал од патот и се превртел на покрив.
„Сообраќајот на оваа делница е во прекин. Дел од автобусот е целосно деформиран од ударот во земјен насип“, објавија локалните медиуми.
Властите не кажаа колку точно луѓе имало во автобусот, освен дека 35 луѓе се превезени во општата болница во Сремска Митровица. Возачот на автобусот е приведен и одреден му е притвор од 48 часа.