Доналд Трамп и Владимир Путин договорија да се видат во Будимпешта овој месец за да разговараат за завршување на војната во Украина, што го покрена прашањето како рускиот претседател ќе стигне до Унгарија. Путин е под западни санкции и е баран од Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради воени злосторства и иако Унгарија кажа дека му гарантира безбеден влез и престој во земјата, Кремљ не знае како тој ќе патува дотаму.
„Маршрутата на летот на Путин засега е нејасна. Засега има волја кај претседателите да се сретнат“, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
За да стигне до Будимпешта, Путин ќе мора да лета преку воздушниот простор на пријателската Белорусија, а потоа преку Полска или Словачка. Ова е потенцијално ризична маршрута, имајќи ги предвид актуелните политички тензии и близината на двете земји до Украина.
Можеби најдиректната линија води преку источниот брег на Црното Море и Турција, па преку Бугарија и Србија или Романија до Унгарија. „Ер Србија“ има директни летови до Москва, но и тие одат преку воздушниот простор на ЕУ.
Руските авиони се забранети во европскиот и американскиот воздушен простор. Кога Путин патуваше за Алјаска во август, САД дадоа специјална дозвола за неговиот претседателски авион, што сега ќе ѝ треба и на Унгарија од ЕУ.
Путин ниеднаш не ја посети Европа откако ја почна инвазијата врз Украина и тоа последен пат се случи во 2021, кога во Женева се сретна со Џо Бајден. МКС го бара неговото апсење од 2023 за илегални депортации на украински деца во Русија. Унгарија најави повлекување од овој суд, но теоретски останува негова членка до јуни 2026.
Унгарското министерство за надворешни работи изјави дека ќе обезбедат Путин да може да влезе во земјата и да одржи успешни разговори со САД, и покрај налогот за апсење на МКС. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно ја нарече Будимпешта „единственото место во Европа каде што може да се одржи ваков состанок“.