За време на Првата светска војна, Македонскиот фронт (1915-1918) во тие први години можеби и не бил толку битен за тогашните воено-историски прилики, но на крајот од војната станал значајна историска приказна,сметаат историчарите. Токму за овие значајни настани од македонската историја зборува изложбата „Македонија, Македонци и Македонски фронт“ посветена на 110-годишнината од отворањето на Македонскиот фронт, организирана од Историскиот архив на Македонија, а поставена во холот на трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје.
На изложбата на десетина паноа се прикажани репродукции од над сто фотографии снимени во Македонија во годините додека постоел Македонскиот фронт. Директорката на Државниот архив на Македонија, Наташа Котлар ни рече дека се одлучиле да ја постават изложбата во трговски центар за да допре до пошироката јавност.
„Ние немаме простор за изложби, имаме одлична соработка со другите институции, но нашето искуство покажува дека посетители има само на денот кога се отвора изложбата. Вака, сакавме да допре до пошироката општествена јавност. Интересот е голем и доста посетители ја гледаат“, ни изјави Котлар.
На отворањето на изложбата Котлар рече дека постоењето на еден фонд под број 870 во Архивот на Македонија ја почна целата иницијатива околу создавањето на оваа изложба.
„Ние сѐ уште не можеме да откриеме кој е авторот или фондообразувачот на тој фонд, меѓутоа дојдовме до констатација дека станува збор за непознати автори кои тука ни го прикажуваат живот на руски војници од Првата светска војна и ни даваат, за нас важен податок, дека тука имало 18.000 руски војници. Оттука почнува и нашето трагање, нашето комуницирање со колегите од Воениот музеј на Македонија, потоа нашата соработка почна да се движи кон приватните колекционери и тука би го спомнала Влатко Милошевски којшто иако по вокација не е историчар, меѓутоа се грижи за она што претставува културно наследство и историско наследство, исто така имаме и материјали коишто ни се од Кирил Вангеловски, потомок од фамилијата на гемиџијата Владимир Пингов и од нашиот колега Диме Ратајковски“, рече Котлар.
Овие фотографии не секогаш зборуваат за воените дејства кои тогаш се случувале, туку многу често ги прикажуваат и луѓето кои учествувале во војната, на многу од нив го има населението односно Македонците кои тука живееле, работеле по нивите, опстојувале, со што овие фотографии за историчарите сега претставува нова сфера за истражување.
„Нашата намера преку овие фотографии не е да се прикажат воените дејства, нашата намера е да ги прикажеме луѓето кои што учествуваат во она што се именува како војна и воени настани. Но, покрај нив на овие фотографии ќе забележите дека го имаме и населението, ги имаме и Македонците, ги има и луѓето кои вршат помошна дејност, го имаме севкупниот живот, но сега претставен преку објективот на фотоапаратот кој што сега, за нас историчарите, претставува нова сфера на истражување и ново поле на создавање историска меморија“, рече Котлар.
Автори на изложбата „Македонија, Македонци и Македонски фронт“ се д-р Јасмина Дамјановска од Државниот архив на Македонија и проф. д-р Ленина Жила од Институт за национална историја.
„На оваа изложба, преку овие фотографии ние имаме приказ на неколку видови меморија: индивидуална меморија, групна меморија, колективна, историска меморија и имаме фотографија како документ. Дел од оваа изложба е посветен на руските војници бидејќи во Архивот на Македонија се чува збирка со нивни фотографии од Првата светска војна. Никој не знае кој е и од каде е авторот на овие фотографии. Се решивме да ги ставиме на оваа изложба затоа што руските војници, за разлика од сите други војници, доживеале двојна трагедија, првин тие биле учесници во војната, а по 1917 година, со Октомвриската револуција од своите сојузници со кои до тогаш се бореле, биле ставани во логори како робијаши. Трагедијата на руските војници ја претставивме со овие фотографии за да се потсетиме дека овој фронт, Македонскиот, беше собир на сите народи и нации“, кажа д-р Ленина Жила.
Изложбата „Македонија, Македонци и Македонски фронт“ ќе трае до 31 октомври.
З. АНДОНОВ