Три години предметот за смртта на родилката Маја Кадиева од Дојран и нејзиното штотуку родено бебе чекал ред за да дојде на разгледување на Апелација Скопје пред судијата Ѓоко Ристов. Обвинети беа гинеколозите Венци Чалков (51) и Дончо Москов (60) од Струмица, за кривичното дело Тешки дела против здравјето на луѓето. Кадиева почина на 22 октомври 2015 во Општата болница во Гевгелија. Обвинет беше и анестезиологот Томе Ванчев од Гевгелија, кој во периодот на десетгодишното судење почина. Во текот на истрагата почина и вториот анестезиолог Зоран Јовановски.
„Три години делото да биде во нечија фиока, да чека да се работи е далеку од здрав разум. Пресуда донесена од Основен суд Велес на 19 март 2020, предметот во Апелација Скопје се работи на 23 мај 2023 година. Судот нема рок кога да го стави на разгледување, но имаат разумен рок за работа на предметот. А дали е ова разумно? Позитивно е што деновиве имало некој совесен судија во Врховен суд па пред рокот на истекот на застарувањето на ова дело 22 октомври, ја ставил на разгледување жалбата од обвинетите иако имало барање да се одложи, а со тоа и делото ќе застареше“, вели Димитриј Кадиев сопруг на починатата Маја.
На 15 октомври годинава, една недела пред да застари случајот, Апелациониот суд ги прогласи за виновни гинеколозите Чалков и Москов и изречена им е затворска казна од шест месеци, која ќе се изврши ако во следните две години сторат ново кривично дело. Предметот сега е пред Врховен суд, по изјавена жалба од бранителите на обвинетите.
Два пати во Основен суд Велес судијката Габриела Гајдова донесуваше ослободителна пресуда за гинеколозите и осудителна за анестезиологот. Апелација Скопје во два наврати ја потврдуваше оваа пресуда. Втората беше обжалена до Врховен суд, кој ја прифати жалбата на одбраната и ја врати во Апелација Скопје.
„За смрт на родилка и нејзиното бебе два пати се носеше ослободителна пресуда, сега условна. Која е цената на човечки живот? Политичарите кои беа судени за криминал, колегите ги помилуваа, го изменија Кривичниот закон и делата им застареа. Во оваа земја само политичарите се заштитени, обичниот граѓанин не. Каква порака се испраќа?“, вели Кадиев.
Во текот на судскиот процес за смртта на Кадиева, сведоците од Гевгелиската болница, кои присуствувале на породувањето беа заборавни, па не се сеќаваа што се случувало во салата, додека во истрага пред јавен обвинител прецизно ги опишувале дејствијата на докторите. Иако сите под заклетва, при сведочењето ги променија исказите дадени пред обвинител набргу по смртта на родилката. Пропуст на истрата е што на двајца анестезиолози, критичната вечер наместо урина им им било земено крв, за да се утврди присуство на алкохол. Поради тоа, алкохолизраната состојба на анестезилогот кој беше жив на почетокот од процесот се докажуваше со сведочење на келнерот од локалот каде двајцата доктори пиеле.
Судијката Гајдова, која два пати ги ослободи гинеколозите, во јавноста е позната по изрекувањето на казна затвор од 18 години за возачот Ангелче Николов кој на пешачки премин во Велес прегази 11-годишно девојче. Апелација Скопје таа пресуда ја намали на 8 години.
Во Основен суд Велес беше изречена првата осудителна пресуда за гинеколог, кому му почина родилка поради обилно крварење. Тоа беше случајот од Општата болница Велес од 3 јуни 2003, со родилката Бојанка Игнова. Осуден на 18 месеци затвор беше гинекологот Панче Арсов. Предметот го водеше судијата Валентин Зафиров и заврши со правосилност за период од три и пол години.
П. ПЕЧКОВ



