Во Македонија од денеска е достапна нова поштенска марка со која се одбележуваат улогата на жените во градењето на мирот и 25 години од Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН. Усвоена на 31 октомври 2000, резолуцијата ја признава клучната улога на жените во спречувањето и решавањето конфликти, мировните преговори, изградбата на мирот, мировните мисии, хуманитарните одговори и во постконфликтната обнова.
Пригодната поштенска марка и поштенски жиг се дело на дизајнерката Нита Хаџихамза-Гаши.
Од Канцеларијата на ОН Жени во Македонија (UN Women) велат дека дизајнот прикажува жена која стои исправено и непоколебливо додека пушта бел гулаб кој слободно се издигнува кон небото. Колоритните сино-жолти нијанси и чистите линии на дизајнот ги доловуваат и нежноста и решителноста и ја претставуваат трајната сила на жените кои водат, штитат и градат заедници дури и во времиња на неизвесност.
„Оваа пригодна марка е прекрасен потсетник на храброста, истрајноста и непоколебливата посветеност на жените за мирот и дека мирот не се создава само на преговарачка маса, туку и во домовите, заедниците и срцата, каде што жените секојдневно стојат на првата линија“, изјави Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата во Македонија.



