Инспириран од светицата и нобеловка за мир Мајка Тереза, „Мајка“ на Теона Стругар Митевска не е биографски филм туку филм со агенда – да ја прикаже Тереза од Калкута како феминистичка икона. А уметност со агенда не е уметност, туку пропаганда или ситна калкулација.
Митевска игра на сигурно – ем божем сака да го деконструира митот за светицата, ем сака да ја прикаже како феминистка оти е „жена во систем владеен од мажи, мажи и мажи“. Но каква врска со феминизмот има оваа задрта религиозно фанатична, болно амбициозна, себична и морално дубиозна жена, каква што е Мајка Тереза во овој филм? Каква врска со неа имаат не само жени ами и мажи кои се добри, вредни, чесни, емпатични, несебични, дарежливи? Таа сомнителна премиса за проектирање феминистичка перспектива на сѐ и сешто во име на феминизмот, како и тоа што поаѓа од калкулантство е најпроблематичниот дел на овој филм.
Скопјанката Ањеза Гонџа Бојаџиу (1910-1997), контроверзна католичка монахиња со свој монашки ред посветен на помош за сиромашните со седиште во Калкута, Индија, и фанатична противничка на абортусот и контрацепцијата (впрочем, нејзиниот став за абортусот е цитиран на плакетата истакната на ѕидот на Порта Македонија среде Скопје), во 1979 ја доби Нобеловата награда за мир, а Католичката црква ја канонизираше за светица, Тереза од Калкута, во 2016. Митот за нејзиното милосрдие почна да се разбива на крајот на 1980-тите, со сведоштвата дека најсиромашите и болните кои ги собирала во прифатилиштата на нејзиниот монашки ред добивале молитва, но не и лекови, дека прифаќала црни пари за донации, се дружела со белосветски преваранти и диктатори и самата се лекувала во најскапите клиники. Еден од најголемите критичари, британскиот новинар Кристофер Хиченс, во документарецот „Ангелот од пеколот“ во 1994 ќе рече дека Мајка Тереза „не беше пријателка на сиромашните. Таа беше пријателка на сиромаштијата“, а индискиот новинар Михир Босе вели дека за Индија таа била „тип на фигура која ја покажуваш на посетителите“.
На прес-конференцијата на годинешниот фестивал во Венеција, каде „Мајка“ ја отвори програмата Хоризонти, авторката Теона и продуцентката Лабина Митевски рекоа дека главнината на филмската приказна се заснова на интервјуата кои во 2010 ги направиле со последните 4 живи монахињи – нејзини современички во Калкута – за нивниот документарец за Мајка Тереза.
По сценарио на Митевска и на Елма Татарагиќ и Гоце Смилевски, во „Мајка“ Мајка Тереза е игуманија на манастирот на католичкиот ред Сестрите од Лорето во Калкута во 1948, а фокусот на приказната е на седумте дена во кои таа ја очекува дозволата од Ватикан да формира свој монашки ред. Игуманијата Тереза (ја игра Нуми Рапас), монахињата сестра Агњешка (Силвија Хукс) и отецот Фридрих (Никола Ристановски) се главното трио протагонисти во делото кое има многу пораки, но малку приказна; многу симболика, но малку дејство. Тереза брои денови, а со неа ги броиме и ние чекајќи го крајот на филмот. Наместо наративна напнатост, Митевска нуди декларативни реплики и симболични сцени кои повеќе звучат како идеолошки манифест отколку како дел од живо филмско ткиво. Тоа дури и не е најголем грев, ако идеологијата би звучела искрено, а не како дел од калкулација за пласман на филмот. Единствена емотивно веродостојна сцена е сонот во кој Тереза му кажува на својот исповедник отец Фридрих дека не го памти ликот на мајка си туку само нејзините раце како месат леб.
Се чини дека филмот го користи името на Мајка Тереза како пи-ар мамка. Режисерката (а и сценаристите) не сака да ја истражи Тереза како жена, туку да ја искористи како симбол во попувањето – постапка мошне честа во нејзиното творештво, но и во духот на декларативниот активизам кој, всушност, е манифестација на веќе застарена политичка коректност. Со други зборови, многу агенда, малку филм.
И во овој, нејзин седми игран филм, а прв на англиски јазик, Митевска повторно им се вдава на темите за женската репресија, духовноста и телесноста. Ова се теми за кои треба гласно да се зборува и за кои треба да се снимаат одлични, жестоки филмови. За жал, крајниот резултат во „Мајка“ повеќе личи на шминкерско-активистички перформанс отколку на органски филмски израз.
Недостигот на кохерентна, издржана и мотивирана драмска нарација Митевска и овојпат го маскира со нејзин исконструиран „уметнички јазик“ – естетизирани фрагменти што не успеваат да се врзат во смислена целина со главната наративна нишка. Таква е сцената на халуцинацијата на Тереза во чиј фон оди финската евровизиска песна „Хард рок алелуја“ на хардрокерите „Лорди“. Или, сцената во која калуѓерките масовно фрлаат крвави менструални влошки во казан со вода – „крвав четврток во манастирот Лорето“, ко што би се кажало со јазикот на македонски медиумски флоскули. Тоа што треба да биде визуелна метафора за репресија, се претвора во претенциозен перформанс без контекст.
Па сепак, овој филм на свои плеќи ќе го износат три жени – Нуми Рапас, Силвија Хукс и кинематограферката Вирџини Сен-Мартен, на која ова ѝ е четврти филм со Теона. Рапас ја игра Мајка Тереза со френетична физичка интензивност, просто татни со жестока безмилосност. Силвија Хукс, како бремената сестра Агњешка, ѝ парира со трогателна емотивност на себежртвување. Никола Ристановски го игра отецот Фридрих, најблискиот пријател на Тереза, со милост и подиграна иронија – ја прима со смирен тон нејзината себеопседнатост, а со истиот тон ѝ ја плеска и в лице.
Во истиот стил како во „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ и „Најсреќниот човек на светот“, камерата на Сен-Мартен се инспирира и ја следи енергијата на главниот лик. Без оглед дали го следи брзиот од на Тереза низ скучениот манастирски простор и пренатрупаните улички на Калкута или го слика нејзиното лице, камерата го одразува нејзиниот внатрешен немир и исчекување, но и обеземеноста со себеси – гледа наоколу ама не гледа ништо освен себе. Подреден на истата функција е и визуелно богатиот продукциски дизајн на Вук Митевски кој успешно ги контрапунктира аскетизмот на монашкиот простор и живата индиска амбиентална колоритност.
Пред премиерата во Венеција, Митевска во едно интервју изјави дека ја смета Мајка Тереза за панкерка, а и Рапас кажа дека панкерски ѝ пристапила на улогата. Но, како дело „Мајка“ е далеку, далеку од панкерската жестина и безобразна бескомпромисност. Повеќе личи на љубезен евровизиски еуротреш.
Марина КОСТОВА

 
                                     
                                    

