Турски суд во петокот го осуди сопственикот на хотел во скијачки центар и уште десет други лица на доживотни затворски казни, прогласувајќи ги за виновни за тешка небрежност во врска со смртоносниот пожар што го зафати објектот, објави државната агенција „Анадолија“.
Пожарот избувна на 21 јануари во 12-катниот хотел „Гранд Картал“ во ски-центарот Карталкаја, во провинцијата Болу, за време на зимскиот училиштен распуст. Во трагедијата загинаа 78 лица, а 133 беа повредени. Меѓу жртвите беа и 34 деца кои биле на семеен одмор.
Судот ги прогласи за виновни сопственикот на хотелот, Халит Ергул, неговата сопруга, двете ќерки, хотелски менаџери, заменик-градоначалник и заменик-началник на противпожарната служба за негрижа со „можна умисла што довела до смрт“. Тие добија доживотен затвор за смртта на децата и дополнителни 25 години затвор за останатите 44 жртви.
Обвинетите, кои ја отфрлија одговорноста, се очекува да поднесат жалба на одлуката. Според телевизијата „Хабертурк“, по читањето на пресудата, во судницата се слушнал аплауз од семејствата на жртвите кои ја поздравија одлуката.
Катастрофата, во која преплашени гости и вработени скокаа од прозорците или се спуштаа со чаршафи за да избегаат од собите исполнети со чад и пламен, ја потресе Турција и предизвика широки повици за одговорност поради пропустите во безбедносните стандарди. За време на секое рочиште, членови на семејствата и пријатели на жртвите одржуваа протести пред судот, барајќи правда.
Според обвинението, пожарот започнал во 3:17 часот наутро кога искра од електрична скара запалила канта за отпадоци и го пробила цревото за течен нафтен гас, што предизвикало експлозија. Вработените го забележале пламенот седум минути подоцна, но за само две минути тој се проширил надвор од контрола, потпомогнат од воздухот од отворена врата што брзо го зафатил дрвениот таван.
Во обвинението се наведува дека лошите безбедносни мерки – вклучително и недостаток на систем за извлекување чад, неисправни аларми, несоодветна обука на персоналот и отсуство на прскалки – овозможиле отровните гасови да ги исполнат горните катови. Скалите и лифтовите функционирале како оџаци, а недостатокот на итно осветлување, ознаки и алтернативни излези спречиле безбедна евакуација на 238-те гости во хотелот.
Хотелот бил отворен во 1999 година, а од 2007 година е управуван од компанијата на Ергул.



