ИНВЕСТИТОР НА КУЌАТА ПРИ ЧИЈА ИЗГРАДБА ПАДНА РАБОТНИЧКИ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ВЕЛЕС ВЕЛИ ДЕКА ДЕНТА РАБОТЕЛА ДРУГА ФИРМА, НЕ ОБВИНЕТАТА

    ИНВЕСТИТОР НА КУЌАТА ПРИ ЧИЈА ИЗГРАДБА ПАДНА РАБОТНИЧКИ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ВЕЛЕС ВЕЛИ ДЕКА ДЕНТА РАБОТЕЛА ДРУГА ФИРМА, НЕ ОБВИНЕТАТАРаботничкиот универзитет се сруши на 17 јуни 2022 година додека се изведуваа градежни работи на соседната куќа. (Фото: СДК.МК)

    Со сведочење на инвеститорот на градбата, семејна куќа кај Градскиот пазар, при чие рушење падна и дел од зградата на Работничкиот универзитет во Велес, продолжи судскиот процес во Основен суд Велес. Џеват Лакота, сопственик на куќата која се рушеше, кажа дека тој со неговиот зет два месеци пред да се сруши објектот на Работничкиот универзитет, започнале со градежни активности со обезбедена дозвола за градба, но не и дозвола за рушење.

    „Започнавме да ја рушиме нашата куќа, но тоа не беше рушење, туку со зетот, ги вадевме циглите, фундаментот остана. Немавме документи за рушење, од проектантот ни беше кажано дека штом имаме дозвола за градба, можеме да рушиме. Дозволата беше на името на зетот Шаботиќ и сопругата Амела. Ни беше кажано дека треба да направиме испитување на теренот за да се врши копање. Зетот ангажираше фирма од Скопје, која ја има во документацијата. Тие дадоа мислење како да се копа, за што имам документ. Потоа се договорив со фирмата ‘Бени Амар‘ за реализација на проектот. За копањето имаше неколку фирми со кои договорав. ‘Беровиќ транспорт‘, кои се обвинети во предметот, се договориле со зетот, тие да го извршат копањето. Донесоа еден багер, два камиони со кои ја изнесуваа земјата. Немавме проект за ископ на градежна јама, мислевме дека со испитувањето на теренот, можеме да копаме јама, дека тој е доволен. Копаа со проектот за градење. Сабит, сопственикот на ‘Бени Амар‘, кој подоцна работеше, им кажуваше до која длабочина треба да се копа. ‘Беровиќ транспорт‘ работеа три дена. Сабит им кажуваше бидејќи тој знаеше колку длабоко треба да копаат за да може тој да почне да гради. Потоа тој го загради објектот. Но, дали длабочината не беше како што треба, бараше багер да се докопа, оти била околу 3,5 метри. На страната кај Работнички имаше оставено еден метар земја неископана, некоја косина. Јамата беше ископана во целост, без кампади. ‘Беровиќ транспорт‘ одбија да дојдат да докопаат. Сабит, газдата на ‘Бени Амар‘, го контактираше Руменчо, сопственик на ‘Руди коп‘. Тој дојде и работеше со багер. ‘Беровиќ‘ испратија камиони за да се фрли земјата. Откако се заврши ископот, ‘Бени Амар‘ започна со работа, рамнење на јамата. Со нив договор склучивме една недела по започнувањето на работите. Дојдоа до тампон. Еден ден видов дека ѕидот кај Работнички е откриен и, доле во дупката, потпрен со потпирачи за да не падне. Надзор беше Коста Јанев, кој беше договорен да доаѓа, но договор немавме потпишано. Неговото име беше на таблата за вршење на градежни работи. Критичниот ден поминав околу 14 часот и сè беше во ред. Околу 16 часот ми се јави внукот, кој ми кажа дека почнал да се руши ѕидот од Работнички. Отидов таму, беа паднати околу 2-3 кубика камења, другото стоеше. Во зградата немаше никој. За некое време почна да се руши, дел по дел и за саат и пол падна целата страна од Работнички“, кажа сведокот Лакота.

    На ова негово сведочење реагираше јавната обвинителка Анастасија Миланова, посочувајќи му ги неговите две изјави од 23 јуни 2022 и 20 ноември 2024, при сослушување пред обвинител. Тие биле различни во однос на сведочењето и кажаното пред судот.

    „Тогаш немате споменато дека ‘Бени Амар‘ и Руменчо го вршеле дополнителниот ископ на јамата“, рече Миланова, на што Лакота рече дека знае дека ги кажал и дека 90% е сигурен дека така било, по што му беше посочен записникот од неговиот исказ даден во својство на сведок.

    При испитувањето на одбраната, на сведокот му беше посочена изјава дека тој пред јавен обвинител кажал дека објектот не се срушил кога работел ‘Беровиќ транспорт‘, туку кога почнала со изградба фирмата ‘Бени Амар‘. Сведокот потврди дека сè што знаел кажал и тогаш пред јавен обвинител и го зборува истото пред судот.

    Обвинети за дел од разрушената зграда на Работничкиот универзитет „Благоја Страчковски“ во Велес се Рифат Беровиќ (38 години) како физичко лице за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“, а правното лице ДТТУ „Беровиќ транспорт’ со одговорно лице Елвид Сарачевиќ за кривичното дело „Предизвикување опасност при градежни работи“. Тие претходно кажаа дека не прифаќаат вина за делата за кои се обвинети.

    Според обвинителниот акт, изведувачот, како градежна фирма, лиценцирана за таа работа, знаел дека пред да почнат со ископ на градежна јама, треба да имаат соодветен проект за заштита на градежната јама, заштита на соседни објекти и дека надзорот требало претходно да биде воведен во работата. Не биле преземени соодветни мерки за обезбедување на соседните објекти и земјиштето. Работеле без проект за заштита на градежна јама, започнале со нејзин широк ископ веднаш до темелите на зградата на Работничкиот универзитет. Како последица на ова на критичниот ден, 17 јуни 2022 година, се срушил дел од зградата, која е лоцирана до градежната јама.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира