ТРЕТА ГОДИНА ПО РЕД НЕМАТЕ НАПРЕДОК ВО СУДСТВОТО И БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА, КАЖА РОКАС НА ЗАЕДНИЧКАТА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА СО МИЦКОСКИ

    ТРЕТА ГОДИНА ПО РЕД НЕМАТЕ НАПРЕДОК ВО СУДСТВОТО И БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА, КАЖА РОКАС НА ЗАЕДНИЧКАТА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА СО МИЦКОСКИМицкоски рече дека Владата останува целосно посветена на европскиот пат и ќе ги адресира сите области каде што е забележан застој „со конкретни мерки, јасни рокови и отчетност“. (Фото: Влада)

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска официјално го прими извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2025 година од евроамбасадорот Михалис Рокас. На заедничката прес-конференција, Рокас рече дека во клучните области, судството и борбата против корупцијата, трета година по ред не е забележан значителен напредок.

    „Нема напредок во однос на судските реформи и борбата против корупција, ова останува од суштинско значење да се направи. Трета година по ред во оваа област немаме значителен напредок, а сепак токму тука една нова посветеност може да направи сериозно голема разлика“, рече Рокас.

    Евроамбасадорот додаде дека во врска со борбата против корупција, потребно е да се измени Кривичниот законик во согласност со препораките. Тој, исто така, рече дека „постои сериозна можност да се започне дијалог и да се продолжи со обврската за уставните измени“.

    Премиерот Мицкоски зборуваше за позитивните аспекти од извештајот, пред сè целосната усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

    „Она што е најважно да се каже на почетокот е дека Владата останува 100% усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, што претставува важна придобивка за карактерот на нашите меѓусебни односи“, рече Мицкоски.

    Тој кажа дека во извештајот се нотира „одреден“ или „ограничен напредок“ во некои области, но и дека нема области со назадување. Како што рече Мицкоски, во четири поглавја е забележан „добар напредок“, а во поглавјето „Слободно движење на капитал“ дури е зголемено нивото на подготовка, благодарение на приклучувањето кон СЕПА и спроведувањето на мерките против перење пари.

    Мицкоски додаде дека Владата останува целосно посветена на европскиот пат и ќе ги адресира сите области каде што е забележан застој „со конкретни мерки, јасни рокови и отчетност“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира