Две лица го извршиле убиството на Ѓело Гошев во средата, засега во неопределен временски период. Се утврдува и мотивот на убиството.
Уапсено е едно лице, а за второто потрагата продолжува. ОЈО Велес отвори истрага за уапсениот Д. Ц. (43), за кое постоело основано сомнение дека бил соизвршител во кривичното дело убиство.
„На 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот заедно со уште едно лице, кое засега не е идентификувано, го лишиле од живот велешанецот Ѓело Ѓошев. Најпрво осомничениот го намамил во својот автомобил и го однел на локацијата. Потоа заедно со другото лице пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот, од која жртвата починала. Осомничениот претходно бил сторител на кривичното дело разбојништво, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката“, информираа од ОЈО Велес.
На барање на јавниот обвинител, поради опасноста од бегство, можноста за влијание на сведоците и ризикот да го повтори делото, судија од претходна постапка од Основен суд Велес му одредил на Д. Ц. мерка притвор од 30 дена.
СВР Велес ден претходно објави дека е пронајдено починато лице во атарот на Бусилци. Починатиот Ѓошев го пронашол локален овчар, кој го прекрил со гунче и повикал полиција.
П. ПЕЧКОВ



