Делот на улица Македонија кај хотелот „Бристол“ е во мрак. Не работи ниту едно улично светло, единствена светлина доаѓа од Музејот на Град Скопје. Слична е состојбата и на скверот Јардан. Иако станува збор за локации во строгиот центар на градот, и таму не работи уличното осветлување поради градежни работи за изградба на зграда.
Туристичките работници велат дека ова е срамно со оглед дека автобусите ги оставаат туристите на улицата пред „Бристол“ и тие се збунети зошто нема ниту едно светло.
„Секој ден имаме збунети туристи, кои овде се симнуваат од бројните автобуси преку цел ден. Овој дел од улицата Македонија навечер е непрепознатлив, не се гледа буквално ништо доколку не се приближите до кафулето ‘Плеј‘ или до Музејот на Град Скопје. Со отворањаето на трговските центри ‘Дајмод мол‘ и ‘Рамстор мол‘, улицата е пофреквентна од претходно, меѓутоа после 17 часот потребно е поголемо внимание доколку одлучите оттука да се упатите кон нив“, велат туристички работници.
Од Општина Центар велат дека се запознати со проблемот и дека заедно со Град Скопје работат на решавање.
„Службите кои се одговорни за сервисирање и одржување на уличното осветлување на територијата на Општина Центар имаат направено увид на горенаведените локации, при што е констатирано дека делот на улица Македонија кај хотелот ‘Бристол‘ е во мрак поради проблеми со броилото, кое е во сопственост на Град Скопје. Ве известуваме дека Градот е запознат со проблемот и го решава заедно со службите на ЕВН. За втората локација, улицата кај Арапска куќа или хотел ‘Јадран’, направена е дислокација на броило поради новата градба. Ве известуваме дека моментално се работи на терен заедно со службите на ЕВН за негово повторно оспособување“, велат од Општина Центар.
А. АНТЕВСКА



