ВЕЛЕШКА „ПОРЦЕЛАНКА“ БЕШЕ ГИГАНТ НА МАКЕДОНСКИОТ КЕРАМИЧКИ ДИЗАЈН ОСТАВЕН ДА ПРОПАДНЕ, ИЗЛОЖБАТА СО 300 ПРЕДМЕТИ ЈА СЛАВИ ЗАБОРАВЕНАТА ИСТОРИЈА

    ВЕЛЕШКА „ПОРЦЕЛАНКА“ БЕШЕ ГИГАНТ НА МАКЕДОНСКИОТ КЕРАМИЧКИ ДИЗАЈН ОСТАВЕН ДА ПРОПАДНЕ, ИЗЛОЖБАТА СО 300 ПРЕДМЕТИ ЈА СЛАВИ ЗАБОРАВЕНАТА ИСТОРИЈАКолекција „Братство, единство“, изработки на Милан Терзовски, првиот индустриски дизајнер не само во Македонија, туку и во Југославија. (Фото: СДК.МК)

    Во „Порцеланка“, некогашниот индустриски гигант кој вработувал до 4.000 лица во Велес, се изработувале позлатени сервиси за кафе и чај во 1960-тите години кои се барале и купувале, а во 1955  за првпат во Југославија бил вработен индустриски дизајнер во фабрика. Овие и уште многу други значајни историски факти се претставени на изложбата „Порцелановите луѓе“ поставена во Ликовниот салон во Велес.

    На изложбата се претставени околу 300 предмети, изработки на вработените од некогашниот гигант Југопорцелан „Борис Кидрич“ од Велес, кој постоеше безмалку пет децении, од 1954-2003. Зад изработените предмети се кријат илјадници работници, декоратери, дизајнери, кои дале учество со нивната креација во изработката на милиони предмети, кои завршија во домовите на милиони семејства низ светот.

    Дел од декоратерките во „Порцеланка“ на отворањето на изложбата. (Фото: СДК.МК)

    „Порцеланови луѓе, ви се обраќам вам, бидејќи благодарение на вашата креативна енергија денес имаме можност да откриеме минорно делче од тоа што беше макотрпно создавано безмалку 50 години, а за неколку години со бескрупулозни бизнис комбинации беше урнисано. Не беше урнисан само објектот до непрепознатливост, туку животот на луѓето од половина град. Тие со голема љубов, но и со голема горчина се сеќаваат на тој период и уште го носат бремето на тешкотиите со кои се соочија нивните семејства. При работата констатиравме отсуство на потпис на авторите на изработката, што не е документарна празнина туку симптом на една поширока културна состојба на невидливоста која ги следела авторите низ социјалистичката епоха, особено во раните 1950-ти и 1960-ти години. Се славела колективната продукција, ја потиснувале личната“, кажа Јасмина Намичева, авторка на проектот кој една година е работен заедно со Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска и Екатерина Намичева-Тодоровска.

    Зад изработените предмети се кријат илјадници работници, декоратери, дизајнери, кои дале учество со нивната креација во изработката на милиони предмети, кои завршија во домовите на милиони семејства низ светот. (Фото: СДК.МК)

    Авторката Намичева не можеше да ги сокрие емоциите кога при влезот во некогашната фабрика доживеале разочарување. Илјадници сини коверти со испишани имиња на работници со пресметки за плати, кои вработените никогаш не ги добиле, не биле исплатени. Затоа и влезот на изложбата во Ликовен салон е е со таков амбиент, нем потсетник на состојбата во фабриката. Како цунами да поминало низ халите, разградено е сѐ што претходно 45 години е создавано.

    Намичева со едни од првите сервиси произведени во 1955. (Фото: СДК.МК)

    „Движејќи се низ опустошените и ограбени фабрички хали, се движевме низ тажната историја на човековата глупост“, рече Намичева, која се заблагодари до  сегашниот сопственик „ Комерцијална банка“ и директорот Хари Костов кој дозволил влез во објектот.

    Дизајнерите Сузана Георгиева-Зафирова и Тодор Јованов. (Фото: СДК.МК)

    „Одличен пример за изработка по терк на западните земји е евергрин сетот за кафе и чај, со барокна форма, кој почнал да се произведува од раните 1960-ти години до почетокот на 1990-тите одини, со апликации на Ромео и Јулија, различни барокни сцени, збогатени со многу златни декорации. Тоа е време кога комшиското пиење кафе е ритуал, кога оброкот е столбот на зачувување на културата на живеењето во Велес. На овие сервиси има златни елементи од 18-каратно злато, носено од Мајданпек, Србија. Чинело многу, ама се продавало и се барало. Ваков сличен сервис има венецијанска серија, велешкиот е негова верна копија“, кажа Намичева.

    Според промоторот, историчарот на уметност Кирил Пенушлиски, проектот има едно посебно длабоко значење, не оти е прв во историјата на Македонија, туку затоа што е обид да се сочува историјата на индустрискиот дизајн во земјава.

    „Историја заборавена во архивите на напуштените објекти и разрушени ѕидови на едно време. Со оваа изложба производите на ‘Порцеланка’ се трансформираат во културни артефакти. Изложбата потсетува дека фабриките можат да бидат храмови на уметност. Така отвораме една врата кон сеќавањата, културна историја која не смее да биде заборавена“, рече Пенушлиски.

    Авторката Намичева со сервиси со злато. (Фото: СДК.МК)

    Во „Порцеланка“ работеле дизајнерите Тодор Јорданов, Сузана Зафировска, Војко Јаневски, доајени на индустриски дизајн, пионери во Македонија. Во Дизајн студиото работеле Сута Даева-Тодоровска, Гавро Петрушев, Благородна Николова, Милан Терзовски.

    историчарот на уметност Кирил Пенушлиски, проектот има едно посебно длабоко значење, не оти е прв во историјата на Македонија, туку затоа што е обид да се сочува историјата на индустрискиот дизајн во земјава. (Фото: СДК.МК)

    Филип Фидановски,  професор по дизајн на процелан и стакло во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје и еден од авторите на изложбата, дизајнерите, декоратерите ги нарече првенци на македонскиот индустриски дизајн.

    „Работев на дизајн на предметите и пресликачи, слики за истите. Имаше директори кои беа поголеми уметници од мене. Тие секогаш имаа забелешки, душата ми ја вадеа на најубавото, кое потоа имаше одѕив во јавноста, а за помалку вредното раководството велеше: ‘Е ова ќе го работиме’“, се сеќава Сузана Георгиева- Зафирова, дизајнерка во „Порцеланка“, академска сликарка, која завршила во Словенија и потоа била работно ангажирана во фабриката.

    Влезот на изложбата во Ликовниот салон е е со хаотичен амбиент, нем потсетник на состојбата во фабриката. Како цунами да поминало низ халите, разградено е сѐ што претходно 45 години е создавано. (Фото: СДК.МК)

    „Благодараност до велешани, кои ја отворија душата споделувајќи ја со нас и радоста и тагата за фабриката. Токму нивната меморија ни овозможи да ја реализираме изложбата, да го сочуваме името на ‘Порцеланка’. Да не дозволиме фабриката да пропадне во спомените на идните генерации. Молба до градоначалникот, поставката да ја направиме спомен-куќа на порцеланот“, кажа Јасмина Дамјановска.

    Таа изрази благодарност до поранешните вработени кои ги споделиле нивните спомени, дизајнерките-декоратерки Надежда Шкрекова, Борка Манева, Цеца Србова.

    „Работев на украсен дизајн на предмети за домаќинство. Работевме скици, седевме на грнчарско колце и сами го обликуваме, па моделари ги множеа во калапи, по што влегуваа во производство. Нашиот порцелан беше многу баран“, вели  Тодор Јованов, дизајнер кој 32 години минал во „Порцеланка“, од 1972 до 1993.

    На изложбата се претставени околу 300 предмети, изработки на вработените од некогашниот гигант Југопорцелан „Борис Кидрич“ од Велес, кој постоеше безмалку пет децении, од 1954-2003. (Фото: СДК.МК)

    Почетокот на фабриката во основање е 1951, директор бил Милан Сланев, кога кон неа е приклучена тогаш национализираната фабрика за керамика „Вила Зора“. Ја граделе затвореници од Идризово и тоа заедно со фабриката „Свилара“, која била во соседството. Бидејќи немало толку луѓе за изградба, работеле наизменично малку на едната фабрика, па на другата. Исто и со механизацијата, која била оскудна. Останка од двете фабрики се одлично сочуваните фабрички оџаци.

    Загрепска фабрика за порцелан има издадено монографија, каде пишува дека нивните дизајнери во раните 1960-ти години се првите индустриски дизајнери во СФР Југославија. Истражувањето на документите од „Порцеланка“, покажале дека Миле Терзовски од Куманово, кој во „Порцеланка“ е вработен од крајот на 1955, е првиот индустриски дизајнер не само во Македонија, туку во Југославија. Изложбата на неговите дела тогашната критика ја нарекла „Баухаусовска“, според форматот на изработка на предметите.

    Проектот е реализиран преку здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ од Скопје во соработка со Народен музеј од Велес и Државен архив – Подрачна единица Велес. Изложбата е реализирана со буџет од 160.000 денари од Министерството за култура, преку Годишната програма.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира