РАБОТНИЦИТЕ ОД ВЕЛЕШКА СВИЛАРА И ПОРЦЕЛАНКА ВО 1950-ТИТЕ НА РАБОТА ОДЕЛЕ СО ТОВАРЕН ВОЗ, А ЗА АДМИНИСТРАЦИЈАТА ИМАЛО АВТОБУС

    РАБОТНИЦИТЕ ОД ВЕЛЕШКА СВИЛАРА И ПОРЦЕЛАНКА ВО 1950-ТИТЕ НА РАБОТА ОДЕЛЕ СО ТОВАРЕН ВОЗ, А ЗА АДМИНИСТРАЦИЈАТА ИМАЛО АВТОБУСВо возот често имало земја и прашина, па некои патници стоеле на надворешните лествици на вагонот. (Фото: Приватна архива)

    По формирањето на двата големи велешки комбинати, „Свилара – Нонча Камишова“ и „Порцеланка – Борис Кидрич“, на почетоците на 1950-тите години, се отворило прашањето како вработените, а ги имало во голем број, да доаѓаат и заминуваат на работа. Во тоа време немало многу автобуси па како решение било најдено да патуваат во воз. За тоа како се патувало кажува Благој Пановски, вработен во тогашниот Свиларски комбинат „Нонча Камишова“.

    „Патувавме со воз. Во месецот само неколку пати ќе пуштеа патнички вагони, сите други денови со товарни, а работната недела беше шестдневна, се работеше и сабота. Тој превоз беше и за нас, свиларци и за порцеланци. Во 5  часот тргнуваше од месноста Долни Дуќани, па запираше кај рампата кај Дворови, кај Музичкото каде што е, и на железничка. Се патуваше полека, полека, по 45- 50 минути. Често се случуваше да мора да се возиме со вагони кои претходно ги користел ‘Киро Ќучук’, или со многу земја и прашина. Па затоа некои од нас стоевме на надворешните лествици на вагонот. Најтешко беше кога мораше да се мине тунелот, а локомотивата парна, на ќумур, и чадевницата право во нас. Имаше случаи кога машиновозачот ќе не оставеше на железничка и не продолжува натаму. Имаше жени кои седеа Долни Дуќани, втора смена, како до дома во таа темница, ги страеше, па расправии, гужви. ‘Порцеланка’ имаше повеќе пари, повеќе вработени и набргу си купија автобуси. Ние од ‘Свилара’ за да си купиме работевме секоја втора недела. И така, по некое време и ние се сторивме со автобуси. Ама со години се патуваше со воз на работа“, вели Пановски.

    Уште во тоа време, почетокот на 1950-тите години, администрацијата била привилегирана. Тие на работа оделе и се враќале со автобус, а Благој вели „за нив имаше обезбеден добар превоз“.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира