Винарската визба „Тиквеш“ ја прослави 140-годишнината од постоењето со 16. издание на Фестивалот на младо вино во Кавадарци, еден од најзначајните регионални настани посветени на виното и винската култура. Традиционално во третиот викенд во ноември, и годинешниот фестивал повторно ги собра бројните пријатели, партнери и соработници на „Тиквеш“, како и претставници на дипломатскиот кор и институциите.
„Со вкусот на младото вино од годинешната берба која навистина гарантира прекрасни вина, со вас ја споделуваме нашата страст, храброст и љубов кон она што го создаваме. Нашите вина не се само одраз на врвен квалитет, туку во себе го носат кодот на вековната винска традиција, зачинета со јасна визија, труд и знаење. Денес вината на ‘Тиквеш‘ се синоним за премиум квалитет, но истовремено се и најпознатиот производ кој доаѓа од Македонија. Успеавме да создадеме силен бренд кој е препознатлив на сите континенти, но исто така, на што сум многу горд, докажавме дека и овде кај нас со вложувања, иновации, едукација на луѓето и најдобри практики може сонот да стане реалност“, рече претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски.
Јубилејот 140 години се одбележува со слоганот „Бескрајно твој“, а фестивалот уште еднаш ја потврди суштината на „Тиквеш“ и неговата бескрајната посветеност кон луѓето, партнерите и љубителите на виното, како и страста кон создавање автентични, препознатливи вина кои ја промовираат Македонија како винска дестинација на светската мапа. Во согласност со својата определба за континуирана поддршка на младите во развојот на своите таленти и вештини, годинава „Тиквеш“ им даде можност на студентите од Факултетот за ликовна уметност од Скопје да учествуваат во креирање на визуелниот идентитет на годинешниот фестивал на младо вино, велат од компанијата.
На фестивалот беше промовирано новото, ребрендирано портфолио на жестоки пијалаци на „Тиквеш“, кое е резултат на постојаните активности на винарницата за развој на нови производи и воведување новитети во согласност со најновите пазарни трендови и вкусови на потрошувачите. Според првичните оценки на енолошкиот тим на „Тиквеш“, младите вина од годинешната берба се одликуваат со свежина, полн вкус и извонреден потенцијал да бидат идни носители на голем број меѓународни признанија.



