Голем пожар целосно ја уништи зградата на „Вјесник“ во Загреб, еден од симболите на новинарството во поранешна Југославија. Пожарот избувнал синоќа половина час пред полноќ и се проценува дека гаснењето ќе трае и денеска цел ден.
Засега нема информации за повредени, имајќи предвид дека во облакодерот немало никој кога се запалил. Хрватските медиуми објавија дека во гаснењето учествуваат стотина пожарникари со 30 возила. Тие синоќа биле повлечени од зградата поради преголема опасност.
Вицепремиерот Бранко Бачиќ изјави дека причината за пожарот засега не е позната. Пожарот почнал на претпоследниот, 15. кат, по што забрзано се ширел вертикално низ вентилациските и конструкциските отвори, зафаќајќи ги и долните спратови.
„Штетата е тотална. Засега нема опасност од уривањето на зградата. Нејзиниот мнозински сопственик е државата, па експертите ќе утврдат дали ќе се урива или ќе се обновува. Најважно е што нема жртви“, изјави градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ.
Покрај тоа што е еден од урбанистичките симболи на градот, зградата своевремено била дом на дваесетина новински редакции, вклучувајќи го „Вјесник“, еден од најголемите дневни весници во Југославија. Неговото постепено пропаѓање започна со процесот на приватизација по осамостојувањето на Хрватска, а престана да излегува во 2012 година.



