Стопанска банка АД – Скопје објави повик за доделување грантови за асоцијациите на лица со попреченост. Грантовите се за реализација на конкретни проекти со кои се поттикнува инклузијата и се подобруваат условите во средината во која учат и живеат лицата со попреченост.
„Јавниот повик е отворен за сите асоцијации, здруженија или проекти со фокус на лица со попреченост. Притоа, се очекува барателите да аплицираат за грант со конкретни проекти кои опфаќаат повеќе лица, овозможуваат континуирана работа со нив преку нови едукативни, инклузивни или физиотерапевтски методи или пак овозможуваат нивна поголема слобода при движењето и извршувањето на секојдневните активности. Проектите со кои асоцијациите и здруженијата аплицираат треба да содржат информации за целната група, времетраењето на проектот, целта и очекуваните резултати, буџетот за реализација, како и за носителот на проектот“, велат од Стопанска банка.
Повикот е објавен во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 Декември и е дел од општествено одговорниот проект на банката, „Сонуваме. Менуваме“, кој годинава ќе го има седмото издание.
Барањата, заедно со контакт податоците, треба да се испратат на адресата [email protected] , со назнака „Предлог проект за грант: Сонуваме. Менуваме 2025“, најдоцна до 30 ноември.
Посебно формирана комисија во Стопанска банка ќе биде задолжена за евалуација на пристигнатите барања за грант, а избраните проекти кои ќе добијат финансиска поддршка ќе бидат објавени на 3 декември.



