ПОЖАРНИКАРИТЕ ИЗВЛЕКОА ДВАЈЦА ЗАГЛАВЕНИ ВО КОЛА ВО ИЗЛЕАНАТА ВОДА НА РЕКАТА ПЧИЊА ВО БАЊАТА СТРНОВАЦ

    ПОЖАРНИКАРИТЕ ИЗВЛЕКОА ДВАЈЦА ЗАГЛАВЕНИ ВО КОЛА ВО ИЗЛЕАНАТА ВОДА НА РЕКАТА ПЧИЊА ВО БАЊАТА СТРНОВАЦИнцидентот се случил утринава околу 7 часот, покрај безенот со минерална топла вода во селото Стрновац, каде што две повозрасни лица од Куманово дошле да се капат. (Фото: СДК.МК)

    Автомобил во кој се наоѓале две лица заглавил во надојдените води на реката Пчиња, поради што во спасувањето учествувала Противпожарната служба на Старо Нагоричане. Според пожарникарите, инцидентот се случил утринава околу 7 часот, покрај безенот со минерална топла вода во селото Стрновац, каде што две повозрасни лица од Куманово дошле да се капат. Во меѓувреме надошла водата од реката која се излеала од коритото и го поплавила патот, а дополнително им се расипал автомобилот и не можеле да заминат.

    „Во 07:35 часот по повик од 112 дека има заглавени две лица до бањата во село Стрновац, Општина Старо Нагоричане, поради излевање на реката Пчиња. ТППЕ Старо Нагоричане интервенираше со едно возило и двајца пожарникари“, објави локалната противпожарна служба.

    Пожарникарите апелираат до граѓаните на Општина Старо Нагоричане да избегнуваат движења и секакви активности по течението на река Пчиња, а ако забележат лице во опасност од временските услови да се јават на телефонските броеви 031-495-666 или 112. Тие кажуваат дека водостојот на Пчиња е доста голем, и дека е поплавен поголемиот дел по нејзиното течение во Стрновац и околните села, по обилните врнежи на дожд кои не престануваат од вчера.

    Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), информираше дека водостојот на река Пчиња кај Пелинце утрово е 120 сантиметри, вчера бил 18 што е значително повисоко со тенденција за пораст и три пати поввисоко од просекот за ноември кој изнесува 41 сантиметри.

    Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека состојбата во државата по обилните врнежи од дожд е стабилна, согласно последните информации. Водостоите на водотеците се во рамки на нормалата, со благо покачување.
    „Регистрирани е одрон на патниот правец Битола-Прилеп, кај село Лознани. Известени се Министерството за внатрешни работи и ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта – подружница Битола. Одрон од голем камен има и на патниот правец Ресен- Охрид, кај Буково и патот кај село Близанско, Македонски Брод, во должина од околу 15 метри. Поплавена е фарма во село Породин, Општина Битола, визба во Битола. Надлежните служби се координирани и активно постапуваат на терен“, вели директорот на ЦУК Мухамед Али.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира