Портрет од австрискиот уметник Густав Климт се продаде за 236,4 милиони долари во Њујорк, со што стана второто најскапо дело продадено на аукција.
Шест лица учествувале во 20-минутното наддавање за „Портретот на Елизабет Ледерер“, насликан меѓу 1914 и 1916 година. Аукциската куќа „Сотбис“ не го откри идентитетот на купувачот.
Портретот бил украден од нацистите и речиси уништен во пожар во Втората светска војна, но бил спасен во 1948. Делото му било вратено на братот на Ледерер, Ерих и останало во негова сопственост до 1983, кога го продал, според „Сотбис“. Сликата потоа станала дел од приватната колекција на наследникот на козметичката компанија „Есте Лаудер“, Леонард Лаудер и била изложена во неговиот дом на Петтата авенија во Њујорк.
Продажбата ги надмина очекувањата откако било проценето дека ќе се продаде за 150 милиони долари.
Најскапото уметничко дело продадено на аукција е „Салватор Мунди“, кое му се припишува на Леонардо да Винчи, кое беше продадено во 2017 за 450,3 милиони долари.



