Европската Унија се противи на планот од 28 точки за завршување на војната во Украина, кој наводно бил изработен зад затворени врати од САД и Русија и бара Киев и европските лидери да бидат вклучени во преговорите.
Планот, за кој прв извести американскиот сајт „Аксиос“, вклучува услови што би биле многу неповолни за Украина, како целосно предавање на Донбас (Доњецк и Луганск) и ограничувања на вооружените сили.
„Она што ние како Европејци отсекогаш сме го поддржувале е долготраен и праведен мир и ги поздравуваме сите напори за постигнување на тоа. Секако, за да функционира кој било план, потребни ви се Украинците и Европејците. Ова е многу јасно. Владимир Путин би можел веднаш да ја заврши оваа војна ако само престане да бомбардира цивили и да убива луѓе, но не видовме никакви отстапки од руската страна“, изјави еврокомесарката за надворешни работи Каја Калас.
Таа додаде дека не е запозната дека Европа била вклучена во подготовката на новиот мировен план, што беше потврдено и од холандскиот министер за надворешни работи Давид ван Вел.
„Не, ние не сме биле вклучени во планот. Не знам дали Украина била вклучена. Но, каков и да е мировен план на маса, Украина треба да стои зад него. Без согласност од Украина, нема да ја добиете поддршката од Европејците“, кажа Ван Вел.
САД и Русија досега не го потврдија постоењето на планот, кој предвидувал Украина да ѝ го предаде на Москва делот од источна Украина што моментално не го контролира, во замена за американска безбедносна гаранција за Украина и Европа од идна руска агресија, објави „Аксиос“.
Два добро упатени извора изјавија за „Ројтерс“ дека САД му најавиле на Володимир Зеленски дека Украина мора да прифати американска нацрт-рамка за крај на војната со Русија, според која Киев мора да предаде територија и некои оружја и да ја намали својата војска за половина.



