„Еден тим за секое дете – нулта дискриминација“ е насловена кампањата против дискриминацијата во фудбалот, што денеска ја започнаа Министерството за образование и наука, Министерството за спорт, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Фудбалската федерација на Македонија и УНИЦЕФ по повод Светскиот ден на детето. Иницијативата има за цел да промовира фер-плеј, инклузија и почитување на секое дете, со особен фокус на девојчињата, децата Роми и децата со попреченост.
„Обединети сме во грижата за децата и младите. И тоа е добро, затоа што само заедно можеме да ја оствариме целта – да имаме здрави поколенија со квалитетни знаења. Образованието е вистинскиот начин за градење спортски вредности. Преку наставни и воннаставни активности поставуваме темели за здрава спортска етика, почитување на различностите и за поттикнување на учество на сите деца“, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа додаде дека кампањата е можност да се продлабочат наставните содржини на овие теми, а продолжениот престој во училиште да се искористи за активности за градење култура на фер-плеј и инклузија.
„Без оглед дали се темели на етничка припадност, пол, попреченост или социо-економско потекло, дискриминацијата ги ограничува учењето, благосостојбата и можностите на децата во текот на целиот живот. Кога има фер-плеј, солидарност и почит, влијанието може да биде трансформативно. Сите ние можеме да бидеме дел од оваа промена и сметаме на децата и младите да ја предводат промената“, кажа претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер.



