Се отвори нова, трета истрага во врска со незаконската дискотека „Пулс“ во Кочани, осум месеци по страшната трагедија кога од молскавичен пожар на 16 март загинаа 63 млади луѓе, а 212 беа повредени. Оваа е за поткуп и злоупотреби поврзани со даночното работење на кочанскиот клуб „Пулс”.
Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот.
За тројца од овие 11 лица, донесена е Наредба за спроведување истрага. Станува збор за двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип, кои ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници, со цел да прибават противправна имотна корист и подароци, му ги откривале на одговорното лице во клубот.
За пари, тие му дојавувале на газдата Дејан Јованов-Деко и го предупредувале за контролите за да биде спремен. За услугите им плаќал синот на газдата, патем двајцата обвинети во главното обвинение за Загрозување на општата сигурност, кое судење почна вчера во големата судница во затворот „Идризово“.
Двајцата даночни контролори од Штип се осомничени за Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик, додека одговорното лице Михаил Јованов, син на реалниот сопственик на „Пулс”, е осомничен за Давање поткуп од член 358 од Кривичниот законик.
За првите двајца обвинителството до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор, додека за третиот на сила се мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во “Пулс”, па се бара проширување на тие мерки со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените.
„Шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти ‘ММММ кафе‘ и ‘Пулс‘ да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле – Злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик. За нив се предложени мерки на претпазливост.
Сопственикот на „Пулс” кој веќе е во притвор, во другиот предмет е осомничен за Фалсификување исправа според член 378 од Кривичниот законик, бидејќи подолг временски период свесно и со умисла за време на контроли од УЈП приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои истиот ги употребувал како вистински, а се со цел и намера избегнување на парични глоби и затворање на објектот.
- ДЕСЕТИНА ПРИВЕДЕНИ ВО АКЦИЈА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО И ПОЛИЦИЈАТА, СЕ ВРШАТ ПРЕТРЕСИ КАЈ ВРАБОТЕНИ ВО УЈП ПОВРЗАНИ СО ПРЕДМЕТОТ ЗА КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА „ПУЛС“
- АКО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС” НЕ БЕШЕ ОБЛОЖЕНА СО ОТРОВ КОЈ УБИВА ПОБРЗО ОД ПЛАМЕН, АКО ИМАШЕ ВЕНТИЛАЦИЈА И ИЗЛЕЗИ ЗА ЕВАКУАЦИЈА, НЕМАШЕ ДА НИ ЗАГИНАТ 63 ЛУЃЕ, РЕЧЕ КОЧАНСКИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЈ ГИ РАСПЛАКА РОДИТЕЛИТЕ
Осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат која исто така е опфатена со претходната постапка во која и се определени мерки на претпазливост и за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик поради откривање информации за ненајавени контроли.
Има уште една истрага која не е завршена, а тоа е за осомничените 20-ина полициски службени лица и началници, која се води во Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Судењето за 35-те обвинети лица и три фирми кое почна на 19 ноември продолжува на 25 ноември.
С. К. ДЕЛЕВСКА



